„Тата Моторс“ ќе го купи „Ивеко“ за 3,8 милијарди евра


Индиската „Тата Моторс“ ќе го купи „Ивеко Груп“ во договор вреден 3,8 милијарди евра, соопштија компаниите, откако италијанскиот производител на камиони претходно се согласи да го продаде својот оддел за одбрана на „Леонардо“, пренесе регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.

За да го зајакне својот бизнис со комерцијални возила, „Тата“ ќе започне јавна понуда во готово (во зависност од продажбата на одделот за одбрана) за акции на „Ивеко“ по цена од 14,1 евра по акција.

– Ивеко Групацијата, европскиот лидер во комерцијални возила и мобилност, и Тата Моторс Лимитед, глобалниот лидер во автомобилската индустрија, објавуваат дека постигнале договор за формирање група за комерцијални возила која, благодарение на своето присуство на пазарот, портфолиото на производи и индустрискиот капацитет, ќе има потенцијал да стане глобален лидер во овој динамичен сектор, соопштија двете компании во заедничка изјава во среда, 30 јули.

Според деталите за трансакцијата објавени на 30 јули, се очекува договорот да се затвори во првата половина од 2026 година.

Одбранбениот сектор на Ивеко Групацијата, кој ги вклучува брендовите IVECO Defense Vehicles (IDV) и ASTRA, треба да биде продаден до 31 март 2026 година. Доколку продажбата не се заврши во предвидениот рок, ќе се разгледа одвојување и посебно котирање на единицата за да се исполнат условите за аквизиција.

Ивеко ќе остане со седиште во Торино, а не се планира затворање на фабрики или намалување на работната сила најмалку две години по затворањето на трансакцијата.