Таравари: Еден пациент се враќа денеска од Унгарија – двајца сѐ уште во критична состојба

Вкупно 57 од 193 пациенти од трагедијата во Кочани остануваат да се лекуваат во болниците во Скопје и надвор од држвата. Сите паценти се во стабилна состојба, освен двајца кои и натаму се во критична, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Од 57, деветмина се во Скопје, од кои двајца се на Клинички на Пластична хирургија, четворица во „Свети Наум Охридски“, еден пациент во ГОБ „8 Септември“ и двајца во приватните клиники. Во странство моментално се лекуваат 48 лица.
– Еден пациент се враќа денеска од Унгарија, па ќе останат четириесет и седум пациенти во странство. Од нив само двајца се во критична сосотојба. Се работи за инфекции кои знаат да ја влошуваат состојбата. Сите други пациенти се екстубирани. Некои се на рехабилитација, други чекаат оперативни зафати. Се надевам дека деновиве ќе бидат пуштени уште неколку пациент. Но, сепак да бидеме повторно резервирани, бидејќи иако велиме дека двајца се во критична, сепак може да се влоши состојбата и кај некој друг пациенти – вели Таравари.
Министерот посочи позитивен пример со пациентка која двапати била реанимирана, а денеска е на Пластична хирургија во многу подобра состојба.
– Добар пример за пациент кој беше во многу тешка состојба, а се надеваме наскоро и да продолжи да се лекува дома – додаде Таравари.
Директорката на Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Ѓоргиевска Павловска посочи дека сите пациенти утрото по трагичната несреќа кога биле донесени имале изгореници од поголем степен.
– Пациентката која е реанимирана, е меѓу првите кои беа испратени на лекување надвор од земјата и беше вратена во стабилна состојба. Утре се планира мал хируршки зафат за третирање на раните. Се надевам дека после крвините анализи ако истите се добри би ја пуштиле и на домашно лекување – посочи Ѓоргиевска Павловска.
Министерот Таравари, во поглед на рехабилитација на пациентите истакна дека Литванија е подготвена без финансиски надомест да задржи пациент уште еден месец на рехабилитација.
– Се подготвуваме и ние одреден број на пациенти да ги третираме во наша здравствена установа, во болницата „8-ми Септември“. Постојат неколку држави кои изразуваат интерес за рехабилитација на пациентите. Сепак ќе им биде потребна физикална, респираторна, но и психичка рехабилитација – додаде Таравари.