Таравари: Десет пациенти одат на домашно лекување

Вкупно 162 лица повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се лекуваат дома и во странство, а добра вест е тоа што денеска десет пациенти кои се лекуваат во земјава ќе бидат пуштени дома, информираше министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција.
– На Клинички лежат 25 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ има 12 пациенти, во Градска има 11 и во Штип еден пациент. Исписи имаме за еден пациент од Штип, еден од Детска хирургија, тројца од Торакална. Во приватните болници, „Систина“ и „Жан Митрев“ се лекуваат вкупно девет пациенти, од нив пет се испишуваат – изјави министерот.
Во странство, како што соопшти Таравари се лекуваат 115 лица од кои, во Србија – 30, во Бугарија – 15, Грција – 12, Турција – 12, Шпанија – седум, во Австрија – пет, во Унгарија – шест, во Хрватска пет, Словенија – четири, Литванија – четири, Белгија – четири, Италија – четири, Шведска – четири, Полска – двајца.
Според Таравари, пациентите кои се лекуваат во странство се во релативно стабилна состојба, а оние кои се лекуваат тука нема да се праќаат надвор од земјата, бидејќи и тие се во стабилна состојба. За дел од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, веќе е отворена темата да бидат вратени дома. Само еден пациент кој се лекува во Турција е во многу сериозна состојба.
– Следно со кое што ќе се соочиме се инфекциите. За тоа ќе бидеме внимателни, да превенираме максимално за да нема компликации. Исто така, имаме најави од одредени држави, каде што пациентите се во добра состојба и од следната недела ќе подготвиме протокол за да ги вратиме дома – додаде Таравари.
На новинарско прашање за токсиколошките анализи, тој додаде дека се завршени, а во текот на денот ќе бидат објавени. Генерално, како што соопшти Таравари, кај сите пациенти се исполнуваат условите и можат слободно да бидат пуштени дома.
За тоа дали лекувањето на пациентите во странство е бесплатно, бидејќи дел од семејствата на социјалните мрежи собираат пари за лекување, Таравари вели дека во 99 отсто од болниците лекувањето е бесплатно и нема потреба од тоа.
– Како влада обезбедивме за по двајца родители или членови на семејство да патуваат и да се вратат и плус сместувањето во сите држави. Нема потреба од шпекулации и невистини. Ова е објавено пред неколку дена. Генерално, во сите болници лекувањето е бесплатно – изјави министерот.