Таравари бара брза и ефикасна постапка за приведениот директор на Геријатрија. Тој е од неговата партија


Фото. Б. Грданоски

 

Приведувањето на директорот на специјализираната болница за геријатрија, Мухсин Арифи, донесе нова вознемиреност во рамките на албанската коалиција „Вреди“. Арифи е приведен под сомнение дека зел мито за да хоспитализира пациент.

Брзо се огласи министерот за здравство Арбен Таравари, кој ги повика надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со настанот. Арифи за оваа позиција беше предложен од Алијансата за Албанците на Таравари.

„Со оглед на фактот дека лицето М.А. е предложен од АА за времено решение за прв човек на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина ‘13 Ноември Скопје’, сметаме дека е неопходно да го соопштиме следното:

АА ги повикува надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично-правен настан. Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности. АА останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум. Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Партиските органи на АА ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот на партијата“, вели Таравари во соопштението.