Тапанарот на Фу Фајтерс, Тејлор Хокинс, во моментот на смртта имал 10 психоактивни супстанци во телото

Колумбија- Тапанарот на Фу Фајтерс, Тејлор Хокинс, во моментот на смртта имал 10 психоактивни супстанции во телото, вклучително и опијати, објавија во саботата колумбиските власти.
Тапанарот на познатиот американски бенд бил пронајден мртов во петокот (на 50-годишна возраст) во хотелска соба во Богота, каде што бендот требало да настапи истата вечер.
„Токсиколошката анализа досега откри десет супстанции во телото на Тејлор Хокинс, вклучувајќи опијати, антидепресиви, анксиолитици и марихуана“, соопштија колумбиските власти.
Медиумите објавија и дека тапанарот бил пронајден мртов во неговата соба во хотелот Каса Медина откако се јавил на рецепција и се пожалил на болки во градите. Меѓутоа, Брзата помош го пронашла без знаци на живот.
Хокинс во минатото имал проблеми со зависност од дрога и едвај преживеал предозирање пред 20 години.
Групата Foo Fighters е основана во 1994 година од Дејв Грол, тапанарот на Нирвана. Бендот има издадено 10 студиски албуми со бројни хит синглови како „Everlong“, „Times Like These“ и „Learn To Fly“. Тие освоија 12 Греми и беа примени во Куќата на славните на рокенролот минатата година.Хокинс е нивен член од 1997 година, а претходно свиреше со Аланис Морисет.