Македонија е горда: Тамара во финале на Евросонг


Израел– Македонската претставничка Тамара Тодевска се пласираше во финалето на изборот на песна Евровизија, којшто ќе се одржи во сабота, во Тел Авив, Израел.

Тамара настапи со песната „Горда“ (Proud). Aвтори на песната на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски.

Од втората вечер во финалето се пласираа уште и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта.

Сите 18 земји-учеснички заедно со Германија, Италија и Велика Британија можеа да гласаат во ова полуфинале.

Во финалето, в сабота , 26 земји ќе настапат, а ќе можат да гласаат сите 41.

Покрај пласираните од полуфиналињата, ќе пеат и претставниците на големата четворка плус земјата домаќин: Италија, Франција, Германија,  Шпанија, Англија и Израел.

Нашата претставничка ја имаше честа да ја отвори победничката прес-конференција синоќа, по одржаната втора полуфинална вечер.

– Македонија по шест години е во финалето. Ние сме многу горди. Јас сум многу горда на мојот тим, на мојата земја. Бидете горди и никогаш не ја криете вашата големина. Најдобриот момент е што пораката ја пренесовме на добар начин. Така што мојата работа ја завршив многу добро. И немаше да успеам без мојот тим – изјави Тодевска пред присутните новинари.

Познати се првите 10 финалисти од првата полуфинална вечер што се одржа во втроникот на Евросонг.  Од 17 земји кои настапија, во финалето се пласираа изведувачите од Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија.

Логото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.

Ова е четврто учество за Тамара на овој престижен фестивал, но прво како солист.

На Евровизија таа првпат беше како придружен вокал на Тоше Проески, во 2004 година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и со Врчак во Белград 2008 година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“, но не се пласира во финалето. Како придружен вокал на Тијана, таа беше и на евровизискиот натпревар во 2014 година во Копенхаген.

Последен македонски претставник во финалето на Евровизија е Калиопи. Таа во 2012 година пееше во Баку, Азербејџан, со песната „Црно и бело“.