Тајван го забрзува развојот на систем за противвоздушна одбрана поради закани од Кина


Тајван ќе го забрза развојот на системот за противвоздушна одбрана, наречен „Тајвански штит“, поради воените закани од Кина, изјави денеска тајванскиот претседател Лаи Чинг-те.

Во говор по повод Националниот ден на Тајван, Лаи рече дека ќе се зголемат и воените расходи на островот.

– Зголемувањето на одбранбените трошоци има своја цел. Тоа е неопходно за одвраќање на непријателските закани и е движечка сила за развој на нашата одбранбена индустрија, изјави тој.

Лаи го нарече Тајван „светилник на демократијата во Азија“ и рече дека „демократскиот Тајван ќе се стреми да го заштити мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец, како и да го промовира регионалниот просперитет и развој“.

Кинеската војска редовно испраќа воени авиони и бродови во близина на Тајван, а во последните неколку години организираше повеќе големи воени вежби околу островот.

Лаи изјави дека неговата влада ќе воспостави строг одбранбен систем со висока способност за детекција и ефикасно пресретнување, а Министерството за одбрана на Тајван претходно неделава соопшти дека обучува војници за уривање на дронови и настојува да набави системи за неутрализирање на дронови како одговор на кинеските закани.

Кина и Тајван имаат одделни влади од 1949 година, кога по граѓанската војна под водство на комунистичкиот лидер Мао Це Тунг беше основана Народна Република Кина.

Поразените единици на Националистичката партија по војната избегаа на островот Тајван, каде што формираа сопствена влада, додека Кина и понатаму го смета островот за своја територија.

Националниот ден на Тајван, кој се одбележува денеска, го слави востанието во Кина во 1911 година, со кое беше соборена последната царска династија во земјата.