Тајланд предупреди дека судирите со Камбоџа би можеле да прераснат во отворена војна

Вршителот на должноста премиер на Тајланд, Пумтам Вечачаи, денеска изјави дека вооружените борби меѓу неговата земја и Камбоџа, во кои досега загинаа најмалку 16 луѓе, а стотици илјади се раселени, би можеле „да прераснат во отворена војна“, јави Би-Би-Си.
Предупредувањето на Вечачаи доаѓа во момент кога вооружените борби на спорната граница влегуваат во втор ден, означувајќи драматична ескалација на спорот кој датира повеќе од еден век.
Тајланд соопшти дека досега загинале 14 цивили и еден војник. Покраинските власти во Камбоџа соопштија дека загинал најмалку еден цивил во Одар Меанчеј.
Во Тајланд, во судирите во провинциите Убон Ратчатани и Сурин, повредени се десетици и раселени повеќе од 100.000 цивили. Околу 1.500 семејства во камбоџанската провинција Одар Меанчеј се евакуирани.
Малезискиот премиер Анвар Ибрахим, кој претседава со Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), рече дека апелирал до лидерите на двете земји за итен прекин на огнот.
Кина, која има блиски политички и стратешки врски со Камбоџа и Тајланд, соопшти дека е „длабоко загрижена“ поради судирите и оти се надева дека двете страни можат да ги решат проблемите преку дијалог. Австралија, Европската унија и Франција исто така повикаа на мир. Се очекува Советот за безбедност на ОН да се состане денеска.
Во писмо упатено до советот на ОН, премиерот на Камбоџа, Хун Манет, го повика да интервенира за да се „запре агресијата на Тајланд“. Тајланд и Камбоџа меѓусебно се обвинија дека први испукале истрели.
Тајланд тврди дека судирот почнал со распоредувањето на надзорни дронови од камбоџанската војска над тајландските трупи во близина на границата. Камбоџа вели дека тајландските војници го почнале судирот кога го прекршиле претходниот договор за хиндуистичкиот храм во близина на границата.
Спорот меѓу двете земји датира повеќе од сто години наназад, кога границите на двете земји биле исцртани од страна на француската колонијална власт на Камбоџа. Со текот на годините имаше спорадични судири во кои загинаа војници и цивили од двете страни.