Сѐ се вртеше околу Трамп: Жешка дебата во Канада пред изборите
Повеќето анкети покажуваат дека либералите се пред конзервативците, што е драматичен пресврт од пред неколку месеци

Канадскиот премиер, Марк Карни, се соочи со постојани напади од неговиот конзервативен ривал на изборната дебата во четвртокот, но лидерот на либералите се обиде да го фокусира вниманието на она што тој го нарекува главна закана за Канада: Доналд Трамп, американскиот претседател.
Повеќето анкети покажуваат дека конзервативната партија на Пјер Полиевре заостанува зад либералите на Карни пред гласањето за федералната влада на Канада на 28 април.
Но, трката останува тесна и Полиевре работеше напорно на дебатата на англиски јазик за да го запре либералниот импулс што се зголеми откако Карни го замени Џастин Трудо како премиер на 14 март. Тие, исто така, дебатираа во средата навечер, на француски, другиот официјален јазик на Канада.
Трговската војна на Трамп и заканите за анексија предизвикаа голем гнев низ Канада, а лидерот на ториевците се соочи со критики затоа што го насочи својот гнев целосно кон либералите наместо да го нападне Вашингтон.
Како што кампањата еволуираше, Полиевре сè повеќе се обидуваше да ги направи и двете: да го осуди Трамп додека ги обвинуваше либералите за слабеење на економијата за време на деценијата на Трудо на власт и оставајќи ја Канада ранлива на непријателските политики на САД.
Тој ја продолжи таа стратегија на дебатата во четвртокот, обвинувајќи дека либералите им дале на „Доналд Трамп и САД речиси монопол над нашата енергија“ со тоа што одбиле да изградат цевководи кои би можеле да дозволат канадската нафта да се извезува во странство.
Полиевре, 45-годишник кој е дел од парламентот две децении, постојано се обидуваше да го означи Карни како продолжение на Трудо, кој стана длабоко непопуларен кон крајот на неговиот мандат. „Прашањето што треба да го поставите е, по една деценија либерални ветувања, дали можете да си дозволите храна? Дали вашето домување е подостапно отколку што беше порано?“, праша Полиевре.
„Како можеме да веруваме дека ти[Карни] се разликуваш од претходните 10 години либерална влада?“, рече Поилевре, постојано велејќи дека Карни служел како „економски советник на Џастин Трудо“.
Обраќајќи му се на лидерот на конзервативците, Карни рече: „Знам дека сакате да се кандидирате против Џастин Трудо. Џастин Трудо не е тука“.
Во текот на дебатата, Карни се обидуваше повторно да го насочи вниманието на Трамп.
„Најголемиот ризик што го имаме за оваа економија е Доналд Трамп“, рече 60-годишниот поранешен централен банкар, кој никогаш не служел во парламентот или имал јавно избрана функција.
Трамп, додаде тој, „се обидува да нѐ скрши за да може да нѐ поседува“.
„Сите ќе се спротивставиме на Доналд Трамп. Подготвен сум“.
Карни, исто така, ги нападна двајцата други партиски лидери на сцената, шефот на левичарската Нова демократска партија, Јагмит Синг и лидерот на Квебекоа, сепаратистичкиот блок на Квебек, Ив-Франсоа Бланше.
И двајцата целеа на Карни за неговите години во приватниот сектор, вклучително и во големата канадска корпорација „Брукфилд“, прашувајќи дали лидерот на либералите би се залагал за работниците со оглед на неговото потекло.
Карни го помина раниот дел од својата кариера како инвестициски банкар со Голдман Сакс.
Карни возврати дека неговото искуство во приватниот сектор ќе му помогне во владата, но ги отфрли сугестиите дека неговата лојалност е поделена.
„Јас сум на страната на Канаѓаните“, рече тој.
На 6 јануари, денот кога Трудо рече дека ќе поднесе оставка, либералите заостануваа зад конзервативците 24 поени, според агрегаторот на анкетите на јавниот радиодифузен сервис Си-Би-Си. Во четвртокот, податоците на Си-Би-Си ја ставија поддршката на либералите на 43,3 отсто, а конзервативците имаа 38 отсто. (АФП)