СЗО: Доказите за поврзаност меѓу парацетамол и аутизам се неконзистентни, вакцините се безбедни

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека доказите за врска меѓу употребата на парацетамол за време на бременост и аутизам остануваат неконзистентни, додека вредноста на вакцините што спасуваат животи не треба да се доведува во прашање.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на прес-конференција во Белата куќа го поврза аутизмот со употребата на вакцини кај деца и со популарниот аналгетик Тајленол (парацетамол) кај бремените жени, вметнувајќи неосновани тврдења во здравствената политика на САД. Тој им порача на бремените жени и родителите да не го користат лекот, освен во случаи на екстремна треска, и предложи вакцините да не се даваат заедно или рано во животот на детето.
Доказите остануваат недоследни, изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, на прес-конференција во Женева, кога беше прашан за можна врска помеѓу употребата на парацетамол во бременоста и аутизмот.
– Знаеме дека вакцините не предизвикуваат аутизам. Вакцините, како што реков, спасуваат безброј животи. Значи, ова е нешто што науката го докажала и овие работи навистина не треба да се доведуваат во прашање, додаде тој.
И ЕМА и британските здравствени власти се согласуваат со СЗО
Европската агенција за лекови (ЕМА) и британските здравствени институции, како што пренесува Би-Би-Си, ја потврдија безбедноста на парацетамолот за време на бременост, оспорувајќи го предупредувањето на Трамп. „Достапните докази не пронајдоа врска меѓу употребата на парацетамол во бременост и аутизам“, наведе ЕМА во соопштение, нагласувајќи дека лекот може да се користи кога е потребен, но во најниска ефективна доза и фрекфентност. Британскиот регулатор вчера потврди дека е безбеден.
Американската администрација за храна и лекови (ФДА) издаде умерено упатство до лекарите да го ограничат користењето на ацетаминофен (активната состојка во Тајленол), но нагласи дека е најбезбедната опција за третман на треска и болка кај бремените жени, кои можат да го загрозат мајчинското и феталното здравје. „Иако многу студии опишуваат поврзаност меѓу ацетаминофен и аутизам, каузална врска не е утврдена, а постојат и спротивни студии“, наведе ФДА.
Медицински експерти остро против тврдењата на Трамп
Медицински експерти силно ги отфрлија тврдењата на Трамп, нарекувајќи ги опасни. Американското здружение на гинеколози и акушери (ACOG) изјави дека врската „не е поткрепена со целокупните научни докази и опасно ги поедноставува сложените причини за невролошки проблеми кај децата“. Студии не пронајдоа јасна врска меѓу разумната употреба на ацетаминофен во кој било триместар и проблеми во развојот на фетусот.
Ајсија Халадеј од Фондацијата за наука за аутизам изјави дека доказите не ја поддржуваат идејата дека Тајленол предизвикува аутизам, повикувајќи се на големи студии со контрола на генетската позадина што не пронајдоа поврзаност, пренесува Пи-Би-Ес. Епидемиологот Џенифер Нузо од Универзитетот Браун предупреди дека нелекувањето на треска во бременост може да биде штетно, а советите на Трамп се „неодговорни“ и базирани на избор на нискоквалитетни докази.
Производителот на Тајленол, Кенву, за Би-Би-Си изјави дека науката јасно покажува дека ацетаминофенот не предизвикува аутизам и изрази загриженост за здравствениот ризик за бремените мајки.
Левкорворин – лек за третман на симптоми на аутизам
Истовремено, ФДА вчера го одобри лекот левковорин (концентрирана форма на фолна киселина) за третман на симптоми на аутизам кај деца со одредени невролошки состојби, по мали студии што покажуваат подобрување на вербалните и социјалните вештини и намалена раздразливост. Сепак, експертите бараат поголеми клинички испитувања за потврда, бидејќи безбедносните податоци се ограничени. Министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди помладиот вети проширување на пристапот до овој лек.
Аутизмот е спектар од состојби со различни нивоа на тешкотии во социјалната интеракција и комуникацијата, често поврзани со необични однесувања и сензорни реакции (според дефиницијата на СЗО). Преваленцата расте поради проширување на дефиницијата и подобра дијагностика, а не поради зголемена употреба на парацетамол. Генетиката игра главна улога, со стотици идентификувани гени, комбинирани со фактори како возраста на таткото, предвремено раѓање или мајчински инфекции.
Научници и здруженија за аутизам повторно ги отфрлија поврзаностите со вакцини, нагласувајќи дека се темелно тестирани и безбедни. „Деца ќе страдаат“ од овие тврдења, рече д-р Пол Офит од Детската болница во Филаделфија.
Трамп ја искористи студијата на деканот од Харвард за да го поврзе Тајленол со аутизам
Деканот на Факултетот за јавно здравје при Харвард, Андреа А. Бакарели, се сретнал со министерот за здравство и човечки услуги, Роберт Ф. Кенеди помладиот, и директорот на Националниот институт за здравство (НИХ), Џеј Батачарја, за да разговараат за неговата студија која го поврзува ацетаминофенот со аутизмот. Ова беше објавено во изјава од Бакарели, поставена на официјален профил на Белата куќа на социјалната мрежа Икс.
Бакарели, кој е коавтор на прегледна статија што ја поврзува употребата на ацетаминофен за време на бременост со аутизам кај децата, напишал до Белата куќа дека ја цени заинтересираноста на Кенеди и Батачарја. Изјавата потоа е објавена на Икс од страна на портпаролката на Белата куќа, како и од профилот на администрацијата „Рапиден одговор 47“.
Оваа изјава, која не беше објавена на веб-страницата на Харвардскиот факултет за јавно здравје, следеше по прес-конференцијата во Белата куќа, Трамп, придружуван од Кенеди и Батачарја, тврдеше дека изложеноста на ацетаминофен предизвикува аутизам кај децата. Иако Трамп не го спомена Харвард по име, комесарот за храна и лекови, Марти А. Макари, на прес-конференцијата цитираше студии од Харвард како доказ за тврдењето.
– Цитирајќи го деканот на Харвардскиот факултет за јавно здравје, постои причинско-последична врска меѓу пренаталната употреба на ацетаминофен и невроразвојните нарушувања како што се АДХД и нарушувањата од аутистичниот спектар, изјави Макари.
Трамп, исто така, рече дека лекот, познат и како Тајленол, земен за време на бременост, може да биде поврзан со „многу зголемен“ ризик од аутизам. „Не земајте Тајленол. Не го земајте“, рече тој. „Борете се со сите сили да не го земате“.
Изјавата на Бакарели, сепак, тврди само дека постои „можност за причинско-последична врска“ и повикува на понатамошни истражувања.
Објавен во август, прегледот на Бакарели на претходно објавени студии на луѓе беше финансиран со грант од НИХ, кој беше прекинат како дел од намалувањето на федералното финансирање за Харвард во износ од 2,2 милијарди долари. Деканот ја напиша статијата заедно со истражувачи од Маунт Синај, Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес и Универзитетот на Масачусетс во Лоуел. Грантот на Бакарели беше вратен откако окружен судија на САД пресуди дека првичното намалување на администрацијата на Трамп е неуставно. Две недели по одлуката, парите од федералната влада почнаа да пристигнуваат во Харвард.
Според студијата на Бакарели, ацетаминофен користат повеќе од 50 проценти од бремените жени ширум светот за ублажување на треска и болка за време на бременост. Тоа е една од единствените опции, бидејќи другите средства за намалување на болката и треската имаат несакани ефекти, според Министерството за здравство и човечки услуги (ХХС).
„Како единствен одобрен лек за намалување на болката и треската за време на бременост, ацетаминофенот останува важна алатка за бремените пациенти и нивните лекари“, напиша Бакарели во својата изјава до администрацијата на Трамп, напоменувајќи дека високата температура исто така може да им наштети на мајките.
Портпарол на Факултетот за јавно здравје на Харвард одби да го коментира користењето на истражувањето од страна на Белата куќа, упатувајќи на соопштението за печатот на Бакарели.