Светските берзи во пад поради ширењето на делта сојот


На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела, бидејќи инвеститорите стравуваа дека ширењето на делта варијантата на корона вирусот во светот ќе го забави закрепнувањето на економиите, а високата инфлација ќе ги наведе централните банки да ја заострат монетарната политика.

На Вол Стрит, индексот Дау Џонс минатата недела падна за 0,5 проценти, на 34.687 поени, додека S&P 500 се лизна за околу 1 процент, на 4.327 поени, а индексот Насдак за 1,9 проценти, на 14,427 поени.

Првиот пад на овие индекси во последните четири недели се должи на значителниот пад на цените на акциите во петокот, откако беше објавено дека бројот на случаи на новоинфицирани со коронавирус во САД минатата недела се зголеми за 70 проценти и бројот на смртни случаи за 26 проценти.

Досега, инвеститорите ги игнорираа вестите за ширењето на делта варијантата на вирусот во Азија и Европа.

„Ковид почнува да влијае на пазарот за прв пат од минатото лето, кога започна со тргување врз основа на најавите за отворање на економијата по блокадата“, вели Џејк Долархајд, директор на „Лонгбоу асет менаџмент“.

Меѓу најголемите губитници минатата недела беа акциите на најголемите технолошки компании како „Епл“, „Амазон“, „Фејсбук“ и „Нвидија“.

Откако со денови имаше раст што ги доведе најважните индекси на рекордно ниво на почетокот на неделата, во четвртокот и петокот индексот на технолошкиот сектор S&P 500 загуби повеќе од 1,5 проценти.

Енергетскиот сектор минатата недела падна уште повеќе, во просек 8 проценти, како резултат на падот на цената на нафтата, откако членките на ОПЕК се согласија на компромис за зголемување на производството.

Инвеститорите се фокусираа и на извештајот на претседателот на ФЕД Џером Пауел до Конгресот за економската состојба.