Светскиот диџеј Стив Аоки во патики од Сатја Грабулоски на Ф1 викендот во Лас Вегас


Изминатиот викенд во Лас Вегас се одржа претпоследната трка од годинашниот Ф1 шампионат, а покрај возачите, една од главните ѕвезди беше светски познатиот диџеј Стив Аоки, кој пушташе музика на самата патека.

Американецот, кој има настапувано и во Македонија, во Лас Вегас дојде со својата поубава половина, а се појави со уникатни патики дизајнирани од Сатја Грабулоски и брендот SWithaDot.

Ова е петта соработка на македонскиот дизајнер со светскиот диџеј, односно петти патики со потписот на SWithaDotкои ги носи Аоки.

„На овој начин први Македонци на Ф1 гридот, во форма на 1/1 џорданки. Стив ми е долгогодишен пријател, веќе има доста 1/1sшто сме ги правеле за разни прилики, ама ова беше различно бидејќи тој беше ѕвезда на вечерта. Дизајнот на патиките, овој пат е инспириран од неговиот албум и од аниме цртаниот на кој самиот тој е креатор, а се вика Hiroquest. По ова патиките ќе одат на аукција“, вели Сатја за новата соработка со Аоки.

Уметникот Сатја Грабулоски е внук на легендарниот скулптор Јордан Грабулоски – Грабул чие славно дело е споменикот Македониум во Крушево . 

Грабулоски кој живее во Скопје, уште од 2016 година го води „Swithadot Studios“, кое денес брои над 30 уметници ширум светот. Студиото е познато по персонализирани дизајни на патики за врвни имиња како Новак Ѓоковиќ, Кристијано Роналдо, Леброн Џејмс и многу други. Во април, тој и неговиот тим составија и исцртаа веганска јакна со ликот на Брајан Адамс, која канадската поп-ѕвезда  ја доби по концертот во Скопје , а слична јакна годинава доби и Дуа Липа.Јакната ѝ беше врачена на Sunny Hill Festival во Приштина.