Светски шампион и олимпиец пронајден мртов


Унгарскиот олимпиец и светски шампион во кајак Миклош Дудас (34) беше пронајден мртов во понеделник наутро во неговиот стан во Будимпешта.

Според локалната полиција, истрагата е во тек, а според досегашните информации, нема сомнение за кривично дело или насилна смрт.

Близок роднина се јавил во полиција, а станот на вториот кат го отворил бравар. Полициската управа во Будимпешта (BRFK) потврдила дека телото е пронајдено околу 11:22 часот наутро, и дека околностите на смртта се истражуваат како дел од административната постапка со вклучување на експерти.

Портпаролот на полицијата изјавил дека засега нема индиции за вмешаност на трети лица, пишува Index.hu.

По повод смртта на Дудаш, Шмит Габор, претседателот на Унгарската кајакарска асоцијација, и Золтан Камерер, трикратен олимписки шампион, го изразија својот шок и сочувство до семејството.

Дудаш се сметаше за еден од најталентираните кајакари на својата генерација. Тој настапи на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, беше вицешампион на Европа во 2013 година, а истата година освои злато на Светското првенство во Москва.

Неговата кариера беше обележана и со 34-месечна суспензија поради допинг, по што се повлече од спортот во 2021 година.

Во последните години беше во центарот на вниманието на јавноста поради низа инциденти, како и учество во неколку телевизиски ријалити емисии.

Пред речиси една година го загуби својот татко, Иштван Дудаш, а во своите последни изјави рече дека повторно се зближил со својата партнерка Ивет Сиглигети и дека се обидува да го стабилизира својот живот.