Светската популација надмина осум милијарди луѓе
Индија е побројна за околу 180 милиони луѓе и следната година би требало да ја надмине Кина како најнаселена земја во светот

Светската популација денеска надмина осум милијарди луѓе, соопштија Обединетите нации, предупредувајќи дека регионите кои веќе се соочуваат со недостиг на ресурси поради климатските промени се во поголеми тешкотии.
„Постигнувањето од осум милијарди луѓе е знак за успех на човештвото, но исто така е голем ризик за нашата иднина“, рече Џон Вилмот, директор на одделот за население на ОН.
Земјите со среден приход, претежно во Азија, имаат најголем дел од тој раст, зголемувајќи го своето население за околу 700 милиони луѓе од 2011 година.
Индија е побројна за околу 180 милиони луѓе и следната година би требало да ја надмине Кина како најнаселена земја во светот.
Од друга страна, наталитетот постојано се намалува во САД, Европа и Јапонија, но и во Кина, која се бори со последиците од својата програма „Политика на едно дете“, а минатата година ги повика семејствата да имаат второ, па дури и трето дете.
Без разлика дали станува збор за храна, вода или енергија, од сè ќе има помалку на располагање, бидејќи светската популација ќе се зголеми за уште 2,4 милијарди луѓе до 2080 година, според проекциите на ОН.
„На секој човек му треба гориво, дрва, храна и вода и место за живеење“, рече Стефани Фелдштајн, директорка за население и одржливост во Центарот за биолошка разновидност.
Притисокот врз ресурсите ќе биде особено голем во африканските земји, каде според експертите се очекува пораст на населението.
Тие се исто така меѓу земјите кои се најчувствителни на климатските влијанија и на кои најмногу им требаат средства за ублажување на последиците од климатските промени.
Во субсахарска Африка, каде што околу 738 милиони луѓе веќе живеат без соодветни основни услови за живот, се предвидува населението да се зголеми за 95 отсто до средината на векот, според Институтот за економија и мир.
УНФПА: Да се преобмисли начинот на кој се справуваме со демографските промени
Според податоците на ОН, светската популација моментално расте со најбавно темпо од 1950 година и може да достигне околу 8,5 милијарди во 2030 година, 9,7 милијарди во 2050 година, а се очекува рекорд од околу 10,4 милијарди луѓе во 2080-тите, како и да остане на тоа ниво до 2100 година.
Се побројното светско население што денеска ја достигнува бројката од осум милијарди не смее да ги засени потенцијално тешките последици со кои може да се соочат државите со се помалубројно население доколку не го преобмислат начинот на кој се справуваат со демографските промени, изјави денеска директорката на регионалната Канцеларија на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА за Источна Европа и Централна Азија Флоренс Бауер.
Како што информира УНФПА, порастот на населението на глобално ниво значително забавува, а во се поголем број земји, повеќето од Централна и Источна Европа, се движи во надолна насока каде
комбинацијата од иселувањето и нискиот наталитет ја намалува бројноста на населението. Овој
проблем, како што се наведува, доколку не се реши, може да ја загрози иднината на нивните економии, социјални системи и инфраструктури.
– Властите во својот одговор на намалувањето на населението обично се фокусираат на зголемување на наталитетот и давање финансиски стимулации за раѓање повеќе деца. Но, сведоци сме дека тоа не делува. Она што е потребно е широк опсег на мерки со кои ќе им се олесни на луѓето да изградат иднина во сопствените земји наместо да бараат можности на друго место, како и да имаат толкав број деца колку што посакуваат, додаде Бауер.
Од УНФПА посочуваат дека потребно е земјите да го преобмислат начинот на кој се справуваат со демографските промени.
-Наместо да ставаме преголем акцент на бројките и заканите, треба да се придвижиме кон согледување на демографските промени како можност за градење на посилни и повеќе инклузивни општества, стои во соопштението.
Источна Европа стана првиот регион во светот каде во текот на целата измината деценија бројот на население беше во постојано опаѓање, пред се поради големиот број луѓе кои ги напуштаат своите земји и заминуваат на работа во странство, како и поради нискиот наталитет. Во моментов, од десетте земји во светот со се помалубројно население, сите освен една, се наоѓаат во Централна и Источна Европа.
-Секако, бројките се важни, но, доколку се фокусираме само на тоа дали се зголемува или опаѓа бројот на населението, може да го превидиме она што навистина е важно, а тоа е да создадеме општества во кои луѓето ќе сакаат да живеат и да создаваат семејства, вели Бауер.
Доказите, како што се наведува, ни покажуваат дека посакуваниот ефект ќе го постигнеме со комбинација од политики. Тука спаѓаат: инвестиции во грижата за деца на рана возраст, поддршка на семејствата која може да ја ползуваат и мажите и жените, мерки со кои на жените и мажите ќе им се олесни да ги балансираат семејните и работните задачи, зголемување на можностите за вработување и домување за младите луѓе, како и правична распределба на грижата за деца и домаќинските
обврски помеѓу мажите и жените.
Јакнење на инклузијата е исто така од клучна важност за оспособување на земјите да се справат со демографските промени. Тоа подразбира и отстранување на бариерите за жените, постарите лица, имигрантите и лицата на маргините на општеството за да може целосно да придонесат за економијата и јавниот живот.
Од УНФПА информираат дека степенот на пораст забавува, но светското население ќе продолжи да се зголемува до 2100 година. Се предвидува дека светското население ќе достигне околу 10,4 милијарди луѓе во текот на 2080-тите години и ќе остане на тоа ниво до 2100 година. Порастот на населението во потсахарска Африка се предвидува да биде повеќе од половина од глобалниот пораст до 2050 година поради релативно високите стапки на фертилитет.
Според УНФПА, на глобално ниво, намалувањето на населението е предизвикано од ниски и опаѓачки нивоа на фертилитет, а во најпогодените европски земји тоа се должи и на високиот степен на емиграција.
Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА им дава поддршка на владите преку својата Програма за демографска отпорност да развијат сеопфатни политики преку кои ќе се справат со демографските промени врз основа на докази и човекови права.