Светската економија го издржува енергетскиот шок од војната со Иран подобро од очекуваното, вели шефицата на ММФ


Светската економија го издржува енергетскиот шок од војната со Иран подобро од очекуваното, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева.

Во исто време, Георгиева изрази загриженост за влошувањето на фискалните услови во некои земји, за што индикации се зголемувањето на приносите од обврзниците и запирањето на процесот на намалување на инфлацијата.

Шефицата на ММФ разговараше со новинарите во Вашингтон пред состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите од Г20 кој треба да се одржи следната недела во американскиот град Ешвил, Северна Каролина.

Георгиева посочи, од една страна, на негативните последици од блокадата на снабдувањето со енергија во Персискиот Залив, но, од друга страна, на позитивниот ефект од наглиот раст на инвестициите во вештачка интелигенција, кои почнуваат да се шират надвор од САД, како фактори кои ја „влечат глобалната економија“ во спротивни насоки.