Сведок тврди дека признанието од обвинетите за убиствата на Панче и на Вања е изнудено со сила

Адвокатот на обвинетиот Боро Видевски, Бојан Манев, за снимката која што беше презентирана на претходните рочишта, а за која обвинителството тврди дека е направена во домот на Велибор Манев ноќта пред да биде убиен Панче Жежовски, вели дека не била направена тој ден. Тврди, дека тоа е снимка од празникот Св. Аранѓел, кога обвинетите се собрани на слава кај Манев.
„Тие снимки не се од тој ден. Вечерта пред убиството е Св. Аранѓел и тие се на слава собрани кај Манев. Тоа ќе го видите и од исказите на обвинетите. Не верувам дека некој што планира убиство сам би се снимал“, тврди адвокатот од одбраната Манев.
Денеска сведочеше и сведокот Зоран Петковски, кој порано работел во полиција и кој се претстави дека е член на Комисијата за безбедност на политичката партија Десна на Љупчо Палевски.
Тој рече дека се слушнал и се допишувал со Палевски утрото на 27 ноември 2023.
„Јас и Палевски се слушнавме критичниот ден на 27 ноември 2023 година. Комуникацијата беше меѓу 8.20 и 9 часот на таен канал за електронска комуникација преку Телеграм апликација, креиран од Љупчо Палевски. Јас сум член на Комисијата за безбедност во политичката партија Десна. Со Палевски разговаравме за ирански дронови, трансфер преку Србија од Иран. Добив задача од Палевски да соберам информации околу ова и да ги известам останатите членови на Комисијата за безбедност“, одговори сведокот на прашање на адвокатот на Палевски.
Сведокот бил викнат во полициската станица Пролет во врска со просториите на партијата, каде рече дека тајно вклучил диктафон, додека биле во канцеларијата на началникот Драган Зарински, каде бил и колегата Дејан Димевски. Разговарале околу еден час, а во текот на разговорот тврди дека началникот Зарински го прашал дали го познава Боре.
„Му одговорив потврдно. Ми покажа дупка во ѕидот и ми рече: ‘Ете ова е од Боре’. Ми рече: ‘Користевме стари методи за добивање на признанија’”, рече сведокот.
Бидејќи според него, признанието е изнудено со сила и смета дека Судот треба тоа да го земе предвид.
„Зарински кажа дека додека зборел со Боре и го тепал во канцеларијата, Влатко Кешишев стоел пред вратата и слушал. Рече, кога влезе Влатко, ми кажа: ‘Боре и Вељо. Тие ми го донесоа во гепекот, откај што го презедов’. Мислеше на Панче Жежовски”, тврдеше сведокот на кого мислел началникот Заринки, кога наводно со странките од Десна споделувал податоци од истрагата.
Потоа разговарале за проектот Безбеден град, зашто порано, додека сведокот не бил пензиониран, работел на него заедно со претставници од Израел.
На вкрстено прашање од обвинителката, сведокот кажа дека не ја чува пораката од Љупчо Палевски за дроновите, затоа што каналот бил креиран од Љупчо Палевски, а за 30 минути се бришат и каналот и комуникацијата.
Посведочи и дека Љупчо Палевски знае да работи добро со компјутери и дека добро владее со уредите за електронска комуникација.
Поради нејасна листа со сведоци и докази за обвинетиот Палевски, тука се прекина судењето. Судењето против Љупчо Палевски, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев и Александар Ѓорчевски, за киднапирање и убиство на соседот на Манев, 75-годишниот Панче Жежовски од Велес, а потоа и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, продолжува на 5 март.