Свечено отворена новата градинка „Верверичка“ во Кисела Вода – Комерцијална банка донираше 6 милиони денари за изградбата

Комерцијална банка со гордост учествуваше во отворањето на новата градинка „Верверичка” со која жителите на Општина Кисела Вода добија нов, современ и удобен простор за нивните деца. Новата градинка „Верверичка” е осмиот објект во рамките на градинката „Весели Цветови”, за чија изградба Комерцијална банка издвои 6 милиони денари како донација.
Со реализацијата на овој значаен проект, Комерцијална банка ја потврдува својата посветеност за создавање подобро општество за сите.
Отворањето на градинката „Верверичка” претставува значаен чекор за подобрување на условите во образованието и развојот на децата. Новиот објект има шест занимални и повеќе придружни простории, што обезбедува најсовремени услови за секојдневна грижа за над 110 дечиња.
„Особена благодарност упатувам до Комерцијална банка, која преку донација од 6 милиони денари даде клучен придонес во реализацијата на овој проект. Нивната поддршка не е само финансиски гест, туку потврда дека корпоративниот сектор има важна и одговорна улога во подобрувањето на квалитетот на животот. Овој пример покажува колку е важно кога компаниите препознаваат значајни проекти и активно придонесуваат тие да станат реалност“, изјави Ѓорѓиевски.
Свое обраќање имаше и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кој ја истакна важноста на соработката на сите чинители во интерес на децата.
„Секогаш ќе се залагаме за подобри услови за децата и секогаш ќе ни бидат потребни партнери како што е Комерцијална банка за да ни дадат дополнителна поддршка тоа да го оствариме“, изјави заменик-министерот.
Во годината во која одбележува 70 години од своето основање, Комерцијална банка е посветена на продолжување на својата мисија за создавање подобра иднина за сите. Како истакнат лидер во корпоративната општествена одговорност, Банката ќе продолжи активно да работи за благосостојба на нашата заедница со вложување во проекти кои носат позитивни промени и создаваат вредности за новите генерации.
Ова е уште една инвестиција во иднината со која на најмалите жители во Општина Кисела Вода им обезбедивме безбеден, модерен и опремен објект што ќе им овозможи развој на детската креативност, создавање пријателства и здраво и весело детство.
„Помошта за изградба на новата градинка „Верверичка” е една од нашите омилени донации со кои го одбележуваме јубилејот од 70 години постоење на Комерцијална банка. Можноста да придонесеме за развојот на децата и нивно весело детство на посебен начин ги топли нашите срца. Денес, со голема радост можеме да го видиме резултатот и да се радуваме на детските насмевки што ќе ја исполнат градинката низ годините што доаѓаат“, изјави на свеченоста д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и в.д. директорката на ЈДГ „Весели цветови“, Емилија Николова, изразија голема благодарност до Комерцијална банка за донацијата.
Како банка со долгогодишна историја на општествено одговорно делување, уверени сме дека ваквите иницијативи се клучни за создавање напредно општество. Оваа донација ќе биде траен потсетник за важноста на заедничката соработка и вложувања во подобро утре.