Суспендирани 29 германски полицајци – на Ватсап разменувале слики од Хитлер и кукасти крстови
Во германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија се откриени затворени комуникациски групи во кои се разменувале содржини со крајно десничарска тематика, а меѓу нивните членови имало и 29 полицајци, соопштено е денеска во Диселдорф, пренесе Хина.
-Ова е срам за полицијата во Северна Рајна-Вестфалија. Не верував дека вакво нешто е можно, изјави министерот за внатрешни работи на најнаселената германска покраина, Херберт Реул, на вонредна прес-конференција.
Конференцијата беше свикана по претресот на становите на полицајците во областа Рур, по што 29 членови на полицијата се суспендирани откако им било докажано дека се активни на затворените Ватсап комуникациски групи (чатови), во кои лица со екстремно десничарски погледи разменувале незаконски пропаганден материјал.
Сите суспендирани полицајци во еден момент од кариерата биле активни во полициската администрација на градот Муелхајм, во Рур.
На компјутерите и телефоните на суспендираните полицајци, меѓудругото, биле пронајдени слики на кои се гледаат бегалци во гасни комори, слики на Адолф Хитлер, како и кукасти крстови.
Претседателот на полицијата во Есен рече дека суспендираните полицајци досега не биле забележани за екстремно десничарските погледи.
Провинцискиот министер за внатрешни работи најави внатрешна истрага, како и назначување на специјален комесар за борба против екстремно десничарските тенденции во полицијата.