Сушата ќе го намали родот на тутунот за 30 до 40 проценти


Поради големата суша, за 30 до 40 проценти ќе биде намален родот на тутунот од очекувањата. Иако годинава е зголемен бројот на договорите и површините под тутун, нема да се достигнат очекуваните 26 000 тони, туку најмногу што може да се очекува е род од 18 000 до 19 000 тони, констатираат од Сојузот на земјоделските здруженија.

-Од почетокот на реколтата бевме пријатно изненадени со зголемениот број површини и договори за тутун. Очекувањата беа дека реколтата ќе „тежи“ околу 26 000 тони. За жал сушата го зема данокот. Речиси три месеци нема дожд, па поради сушата приносите за 30 до 40 провценти ќе бидат намалени. Иако квалитетна, сега очекувањата се дека реколтата ќе биде околу 18 000, максимум до 19 000 тони, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот.

Долненскиот регион е најголем производител на тутун во земјава. Лани приносите беа рекордни, околу 9 000 тони. Но сушата барем за една третина, и повеќе, ќе ги намали.

-За оваа реколта имаме засадено со тутун околу 20 декари. Очекувавме околу четири тони тутун, но поради големата суша, почвата е стегната, па приносите ќе бидат многу намалени од очекуваните. Ќе бидат околу 2,5 до 3 тона, максимум. Сушата е голема во целиот Долненски регион. Квалитет има, ама нема квантитет, вели Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од Житоше, Долнени.