Судскиот совет се претвори во секта

Многу познавачи на работата на судството велат дека работата на Судскиот совет е веќе толку малигна што нема друго решение освен тоа ткиво да се отстрани


И новинарите и аналитичарите веројатно ги загубија сите возможни зборови да го објаснат и да го протолкуваат она што се случува во Судскиот совет. Можеби тие ги загубија зборовите, но членовите на Судскиот совет имаат недофатливо широко поле за скаламуции во кое наоѓаат неверојатни можности за понатамошно уништување на угледот на институцијата и калапење придобивки на сопствената сметка.

Вчерашниот настан со оставката на штотуку избраниот член на Судскиот совет, Наќе Георгиев, кој откако брзо размисли – што е поважно: кариерата на неговиот син или сопствената, се одлучи за татковското патронство, не може да се категоризира ни во графата скандал. Целиот случај не само што е бесмислен, туку уште еднаш на најбрутален начин покажува дека ништо, ама буквално ништо, не допира до членовите на Судскиот совет. Тие веќе не се ни отуѓен центар на моќ, тие се претвораат во секта кон која се обраќаат разни аџии од политиката и бизнисот за во судството да напредуваат или да бидат избрани деца, снаи, зетови, внуци.

Заборавете на Клиничкиот центар во Скопје и Медицинскиот факултет, најголемиот кронизам и непотизам сега се случува во судскиот систем.

Сопругата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски, е избрана за судија. Иста така и ќерката на неодамна пензионирана обвинителка, како и синот на врховниот судија Наќе Георгиев. Претходно, синот на Талат Џафери беше избран за обвинител, како и сопругата на шефот на обвинителството што гони организиран криминал. Покрај нив за уметнички впечаток беа избрани и лица кои немаат врска со политиката, судството или бизнисот.

Најстрашното од сѐ е што, како што се дозна, во Судскиот совет имало големи расправи дали Наќе Георгиев веќе бил член на Судскиот совет или не; дали потпишаното решение било валидно или не, или пак ништо не е завршено додека тој не положи заклетва во Собранието. Во целата ситуација се барало излезно решение како Кирил, синот на Наќе, да биде избран за судија откако ја заврши судската Академија. И ако може Наќе да остане член на Судскиот совет.

Има многу бесмислици во оваа секташка афера, но една од најзагадочните е што ниту Наќе Георгиев, ниту тие што ја запреа дисциплинската постапка против него за да може да учествува на изборите за член на Судскиот совет, е што не го прочитале членот 43, став 4 од Законот за судови, кој вели: „Судија или судија поротник не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет на Република Македонија е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар“.

Ако за својот случај е невнимателен и не чита до крај во законите дали тогаш може да се верува дека овој врховен судија ги чита целосно и внимателно законите и кога одлучува по некој предмет. На многумина што се заплеткани во судските лавиринти им се крева косата на главата на ваквата помисла.

Затоа, изгледа граѓанството не треба да има премногу надеж во мисијата што Европската комисија ја испраќа утре во Македонија која треба да го испита работењето на Судскиот совет и да предложи краткорочни среднорочни мерки за да се зајакне независноста на ова тело. Што би можеле да му кажат членовите на Судскиот совет на шефот на мисијата Бранко Хорватин, поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска – дека смената на поранешната претседателка на Советот била легална (иако целата јавност тврдеше дека не е); дека зборовите на претходната претседателка за политичките и бизнис притисоци биле само така кажани, без да се поднесе одговорност и отчет за изговореното; дека тие не одговараат пред никого во државата, па ни пред самите себеси; дека не е важно што довербата на јавноста е речиси сведена на нула, бидејќи тие работеле според законите… И уште многу други работи што веќе никој не ги слуша.

Вчудоневидувачки е колку Европската унија сака да помогне во лечењето на најзаболените алки во системот, а колку ние сакаме да одиме на патерици. И кога едната ќе се скрши да продолжиме со другата, додека и таа не се скрши. Потоа ќе ползиме, ползиме.

Имаше толку многу повици политката (Собранието) да зачекори во оваа секташка групација и да ја очисти, но таа и натаму молчи, без оглед што ќе каже по некој збор ваму или таму. Можеби чека додека не поминат именувањата на уште некој член на семејството (поблиско или пошироко), како во последниот случај на Муцунски, за потоа да размисли дали треба да се преземе нешто.

Се разбира, не може да му се забрани на кого било да конкурира и да биде избран за дел од правосудниот систем, тоа би било нарушување на правата на поединецот. Но, чувствителноста на општеството е толку голема, а сензитивноста на политичарите или татковците судии е толку мала, што целата работа на граѓанството изгледа како борба со ветерници.

Многу познавачи на работата на судството велат дека работата на Судскиот совет е веќе толку малигна што нема друго решение освен тоа ткиво да се отстрани, т.е. да се елиминира од судскиот систем и потоа да се изгради ново. Само клучното прашање е дали ќе можат да се извлечат поуки од катастрофалната работа на секташката групација или сета таа нова работа ќе биде потрошено време во ветер.