Судскиот совет ќе изврши увид во пресудата за Теодора

Судскиот совет ќе изврши увид во пресудата за возачот Менсур Пајазити, кој во август во 2022 година ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска на пешачки премин во Тетово.
Ваквата одлука доаѓа по острите реакции на семејството на Теодора и на јавноста за двегодишната затворска казна што беше изречена во повтореното судење во Основниот суд во Тетово.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, потврди дека тие побарале увид во предметот и истакна дека ако се утврдат пропусти во постапката, тие ќе реагираат. Камбовски изјави дека Судскиот совет ќе ги разгледа сите случаи каде има сомневања за неправилности во судските пресуди.
Реакциите од јавноста беа силни, а премиерот Христијан Мицкоски јавно изрази згрозеност поради пресудата, истакнувајќи дека ова не е правдата која ја очекуваат граѓаните. Тој побара од Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата кој ја донел одлуката за казна од две години затвор за возачот, нагласувајќи дека таквата пресуда претставува „потфрлање на системот”.
Министерот за правда, Игор Филков, исто така, се приклучи на критиките, изјавувајќи дека реакцијата на јавноста е важен индикатор за слабиот интегритет на судскиот систем.