Судот го прогласи штрајкот на контролорите за незаконски, М-НАВ најави кривични пријави


Основниот граѓански суд Скопје повторно го забрани како незаконски штрајкот на Синдикатот на контролорите на летање (ССКЛ), кој беше најавен за крајот на октомври. Поднесена е кривична пријава против претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски, за злоупотреба на службената должност, а утврден е и идентитетот на вработениот што одавал деловни тајни на порталот „Буревесник“ – соопшти на денешната прес-конференција правниот застапник на Македонска навигација (М-НАВ), адвокатот Горан Николовски.

Николовски појасни дека судот го забранил штрајкот поради отсуство на барања за заштита на правата од работен однос, неспроведена задолжителна постапка за помирување и поради тоа што ССКЛ нема правен легитимитет самостојно да организира штрајкови.

– Повторно, од страна на Основниот граѓански суд Скопје, штрајкот што беше најавен од подружницата ССКЛ е забранет како незаконски. Штрајкот е забранет поради три основи, односно барањето за штрајк не содржи никакви синдикални барања, односно барања за заштита на правата од работен однос, не е спроведена задолжителна постапка за помирување и последната констатација на судот е дека ССКЛ, како подружница, нема правен легитимитет самостојно да организира и да спроведува штрајкови – изјави Николовски.

Поради најавите за нови штрајкови, М-НАВ поведе и посебна судска постапка, со која бара утврдување дека ССКЛ, генерално, нема право самостојно да настапува и да организира вакви активности. Ова барање, како што посочи адвокатот, се заснова на Законот за работните односи и на статутот на Независниот синдикат за сообраќај и врски.

– Со оглед на најавите дека ССКЛ повторно ќе иницира, односно ќе најавува штрајкови, од страна на М-НАВ поведена е и посебна судска постапка, каде што се бара судот да утврди дека ССКЛ, воопшто и генерално, нема право самостојно да настапува како подружница и да организира и да спроведува штрајкови. Ова што го зборуваме се заснова токму на Законот за работните односи, кој го регулира основањето и функционирањето на синдикатите, и воедно на статутот на Независниот синдикат за сообраќај и врски, каде што е определено дека подружниците воопшто немаат статус и воопшто немаат легитимитет во согласност со Законот за работните односи – рече Николовски.

Во однос на кривичната пријава против претседателот на Независниот синдикат за сообраќај и врски и претседател на ССКЛ, Александар Тасевски, Николовски нагласи дека таа е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје поради злоупотреба на позицијата за остварување лични цели.

– Ја злоупотребил својата позиција и дал известување и барање за користење платени денови од работа, со најава дека ќе користи денови за синдикални активности и синдикални состаноци, а господинот заминал во приватна посета на Кипар заедно со својата љубовна партнерка – посочи Николовски.

На прес-конференцијата беше соопштено и дека е утврден идентитетот на вработеното лице во М-НАВ, кое одало деловни тајни, кои подоцна биле објавени на порталот „Буревесник“.

– Во М-НАВ е спроведена постапка, при што е утврден идентитетот на вработеното лице што тие податоци, кои имаат третман на деловна тајна, ги сторило достапни на лицето Зоран Божиновски, а потоа преку неговите портали станале достапни за пошироката јавност како во Македонија така и во странство – рече правниот застапник на М-НАВ и додаде дека во фаза на изготвување е нова кривична пријава.

Одговарајќи на новинарски прашања за мотивите на Синдикатот, Николовски истакна дека станува збор за обид за дефокусирање на јавноста и на ресурсите на компанијата.

– Според мене, можеби грешам, можеби не грешам, затоа што сепак индивидуалните цели се лични, сметам дека станува збор за еден обид за дефокусирање како на јавноста така и на капацитетите и ресурсите на М-НАВ, односно да се дефокусираме од тоа што е суштинско и да се влечеме по судови за беспредметни постапки – одговори Николовски.

Запрашан за доказите во врска со приватното патување на Тасевски, тој појасни дека информацијата за петдневната посета не потекнува од следење од службите, туку од медиумите.

– Заминал на приватна посета со својата љубовна партнерка. Неговата посета таму е констатирана од страна на новинар. И така е пренесена информацијата – појасни Николовски.

Нагласувајќи ја стратешката важност на институцијата, која ја гарантира безбедноста на авиосообраќајот, адвокатот истакна дека М-НАВ е должна да презема дејства за заштита на својот капитал и на интересите на државата секогаш кога има основани информации, а конечната одлука за иницирање кривична постапка ја носи исклучиво Јавното обвинителство.