Судот ги доставил документите за екстрадиција на Груевски, зошто Филков ги држи во фиока, прашува СДСМ
СДСМ обвинува дека министерот за правда од ЗНАМ, Игор Филков, ги држи „во фиока“ документите за екстрадиција на Груевски. Оттаму прашуваат зошто ако Судот ја доставил документацијата, таа е заглавена во Правда.
Вчера беше објавено дека Министерството за правда барало Основниот кривичен суд Скопје да ги достават сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори.

„Сега тие документи се во Министерството за правда, а министерот од ЗНАМ, дел од тендер коалицијата на Мицкоски, не ги испраќа во Унгарија“, велат од СДСМ.
Претходно, министерот Филков кажа дека се чека формирањето на новата влада во Унгарија, земјата каде што избега Груевски, за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересираназа случајот со Никола Груевски, кој патем има политички азил.
„Нема никаква причина да се чека нова влада. Институциите мора да работат и да постапат веднаш. Мицкоски и неговата влада свесно го штитат Груевски и му даваат време да побегне во трета држава. Ова не е административна грешка туку свесна заштита на криминалецот од страна на шефот на криминалната организација ВМРО-ОКГ“, велат од СДСМ.
По убедливата победа на изборите, новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, на прес-конференција најави екстрадиција на Никола Груевски и посочи дека Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци, меѓу нив и за полските политичари Збигњев Зиобро и Марчин Романовски.
За Никола Груевски досега е поднесено едно барање за екстрадиција на 20.11.2018 година, како и дополнување на барањето во јуни 2019 година. Екстрадицијата беше побарана за сите предмети за кои постоеја сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите случаи за кои е распишана потерница.
Не се исклучува можноста дека Груевски веќе добил унгарско државјанство, бидејќи имал право да аплицира за него три години по добивањето на азил. Сепак, одлуката е по дискреционо право на унгарскиот претседател.
Доколку Груевски добил унгарско државјанство, тоа може да биде неговиот адут да остане во Будимпешта.
Доколку биде вратен во земјата, Груевски мора да отслужи казна од 10 и пол години затвор во случаите „Насилство во Центар“ и „Заговори на Водно“.
Дополнително, во тек се судења против него во отсуство во случаите „Титаник“ и „Талир 2“.