Судијата на натпреварот Атлетико – Реал: Јас бев тој што го извести ВАР


Реал во средата навечер по изведување пенали го победи Атлетико во осминафиналето на Лигата на шампионите во Мадрид и со тоа се пласираше во четвртфиналето против Арсенал. Првиот натпревар на Сантијаго Бернабеу заврши со победа на Реал од 2-1. Во реваншот Атлетико победи со 1-0 на својот стадион со голот на Конор Галагер во 1. минута.

Тој резултат остана до крајот на продолженијата, па победникот беше решен по изведување на пенали. Реал победи во престрелката со 4:2, а серијата ја одбележа одлуката на судијата Шимон Марчинијак да поништи гол постигнат од Хулијан Алварез по интервенција на ВАР. Напаѓачот на Атлетико се лизна при изведувањето на пеналот и двапати ја допре топката, покажаа снимките на УЕФА.

За целата ситуација за прв пат по натпреварот проговори и самиот Марчинијак: „Дали Мбапе им кажа на судиите дека Алварез ја допрел топката двапати? Тоа воопшто не е точно. Јас бев тој што ги извести судиите на ВАР дека 99 проценти Алварез ја допрел топката двапати и тие детално ја проучувале“.

„Да бидам искрен, никогаш во кариерата не сум се соочил со ваква ситуација, но играчите ги знаат правилата“, заклучи полскиот судија.

Пеналот на Алварез беше поништен затоа што Аргентинецот двапати ја допре топката при изведувањето на ударот. УЕФА строго го забранува тоа, а синоќа беше топ тема бидејќи на прв поглед не можеше со сигурност да се каже дека тоа се случило. УЕФА денеска излезе со соопштение во кое нагласи дека размислува за промена на правилото.

„Според сегашното правило (Правила на играта, Правило 14.1), ВАР мораше да го повика судијата да сигнализира дека голот треба да биде поништен. УЕФА ќе влезе во разговори со ФИФА и ИФАБ за да одреди дали правилото треба да се ревидира во случаи кога двојниот допир е очигледно ненамерен“, се вели во соопштението.