Судењето против Раде Трајковски – Штекли одложено поради здравствени причини


Почетокот на судскиот процес против Раде Трајковски – Штекли и уште девет лица обвинети за трговија со дрога се одложи за 7 август поради хоспитализација на обвинетиот Трајковски – Штекли.

Како што информира судијата Илија Трпков, Трајковски утрово бил неконтактибилен и дезориентиран, поради што итно требало да биде пренесен во Клиничкиот центар. Такви напади, како што дополни, имал и во текот на вчерашниот ден.

Денешното рочиште, закажано за 10 часот, првично беше одложено за по 11 часот. Но и по одложувањето, обвинетиот сѐ уште не бил пренесен во болница.

-Од затворот добивме информација дека обвинетиот сѐ уште не е пренесен во болница, бидејќи чекаат асистенција од МВР. Со оглед дека сѐ уште не е однесен и не може судот да чека цел ден да се однесе на лекар обвинетиот, судењето се одложува за 7 август, рече судијата Трпков. 

По одложувањето, обвинителката Верица Бержецка Крстева информираше дека во меѓувреме, Штекли доставил психијатриско мислење дека не е способен да ги следи судењата, а обвинителката информираше дека и обвинителство ќе направи вештачење по таа околност и ќе бара подготвително рочиште за да се соочат вештачењата.

Обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против 10 лица за продажба на дрога, главно во скопската населба Аеродром. 

Истрагата траела речиси една година и вклучувала посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, но седум од нив склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.

Како што соопштија претходно од Обвинителството, групата била добро организирана, со јасно поделени улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. 

Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуницирале преку Snapchat, а клучни докази биле добиени преку „Cellebrite“ системот за анализа на телефони, донација од САД.