Суд: Решението за промена на Реисот не е правосилно


 

Основниот суд Скопје 2, денеска, преку соопштение го појаснува решението за промена во раководството на Исламската верска заедница што доведе до тензии во таа институција.

Од судот објаснуваат дека одлуката ја донеле врз основа на поднесена неотповиклива оставка на Реис Ул Улема Сулејман еф Реџепи примена на ден 25.03.2019 година, по што, како што пишуваат, Ријасетот на ИВЗ на 30.03.2019 година, одржал вонредна седница на која ја прифатил оставката и го избрал Скендер Бузаку.

Барањето го добиле на трети април, а решението за промена на функцијата Реис Ул Улема го донеле на 17 април.

„Наведената одлука за промена на вршител на функцијата Реис Ул Улема не е правосилна, односно за истата течат рокови за жалба од 15 дена. Во оваа смисла, потенцираме дека судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на член 36 и член 68 од Уставот на Исламската Верска Заедница“, наведуваат од судот.