Субвенции за минимална плата нема да може да користат фирми кои користат друга државна помош


Компаниите кои што ја користат мерката за зголемување на платите до 6.000 денари, кај што од страна на Владата се покриваат 100 отсто од придонесите, не можат да бидат корисници и на мерката која што е за покривање на придонесите за разликата на зголемување на минималната плата.

Ова денес го изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи, на прес конференција на Владата посветена на изработка на стратегијата за паметна специјализација до поголема конкурентност. Одговарајќи на новинарско прашање за субвенциите за минималецот од 18 илјади денари и поплаките на дел од стопанствениците дека оние компании кои веќе претходно аплицирале за друга државна помош за исплата на плати, сега тоа им било оневозможено за исплата на минималецот, Битиќи рече дека тоа е логично.

„Кај таа мерка распонот на зголемување на плата е од нула до 6.000 денари и таа мерка не ја користат сите компании во максималниот распон. Мерката можат да продолжат да ја користат бидејќи е активна речиси до крајот на годинава. Ние нормално не можеме да дозволиме да има две исти мерки за иста потреба и затоа е направена јасна дистинкција да нема концентрација на државната помош на исто место и за иста намена. Тоа е законско решение кое што ние мора да го направиме за да се осигураме дека секому кому што навистина му е потребно помошта ќе ја добие, а во исто време да нема преклопување на државното финансирање во име на субвенции за иста намена“, рече Битиќи.

Инаку, пред повеќе од една година владата овозможи субвенции на придонесите од социјално осигурување за зголемување на платите на вработените. Законот за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување, важи за сите вработени и за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари. На оваа сума трошоците за придонеси за социјално осигурување ќе ги плаќа државата преку Министерството за труд и социјална политика.