Студентите од Србија и палестинските новинари меѓу кандидатите за наградата „Сахаров“

Уапсената грузиската новинарка Мзија Амаглобели и движењето за нејзина поддршка, организаторите на Парадата на гордоста во Будимпешта, членовите на Палестинската новинарска асоцијација и хуманитарни активисти на Палестинската црвена полумесечина и на УНРВА, група убиени палестински новинари, убиениот американски активист Чарли Кирк, белоруски новинар и активист кој отслужува затворска казна Анджеј Почобут, алжирскиот писател и антиисламистички активист Буалем Сансал и студентите организатори на протестите за владеење на правото и борба против корупцијата во Србија се овогодишни кандидати за Наградата за слобода на мислата „Сахаров“, што ја доделува Европскиот парламент.
Кандидатите за добитници на наградата беа објавени попладнево на заедничката седница на членовите на комитетите за надворешни работи и за развој и на Поткомитетот за човекови права на ЕП, врз основа на предлозите на пратеничките групации или групи европратеници.
Инаку, при презентацијата на кандидатите, претседавачот на Комитетот за надворешни работи, Дејвид Мекалистер информира дека од адвокатот на алжирскиот писател Буалем Сансал добил известување дека неговиот клиент не ја прифаќа номинацијата за наградата, за која е предложен од десничарската група Патриоти за Европа (ЕФП).
Гласањето за избор на тројца кандидати за наградата „Сахаров“ за 2025 година ќе се одржи на 16 октомври, по што лауреатот ќе биде избран кон крајот на месецот од страна на Конференцијата на претседатели на ЕП. Церемонијата на доделување на наградата ќе се одржи за време на пленарната сесија на Европарламентот во декември во Стразбур.
Кандидатура за добитник на наградата „Сахаров“ може да поднесат најмалку 40 европратеници, при што секој од нив може да поддржи само еден кандидат.
Наградата за слобода на мислата „Сахаров“ се доделува секоја година од 1988 година, како највисоко европско признание за посветеност и работа во областа на заштита на човековите права.