Стразбур ги приземји Сваровски функционерите

Не летаат балони само над Америка. Леташе пет години и над Македонија со приказната дека НЕКОЈ, НЕКАДЕ, НЕКОГАШ ќе амнестира криминал и злоупотреби од формат каков тој на ВМРО-ДПМНЕ за време на Никола Груевски, што денеска целосно се издиша


Не летаат балони само над Америка. Еден таков леташе дури пет години и над Македонија, но денес Стразбур го распрска на парчиња. И покрај обидите одлуката на Судот за човекови права за аболициите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов да се престави како процедурална и техничка, со најава дека обвинетите пак ќе се жалат, приказната дека НЕКОЈ, НЕКАДЕ, НЕКОГАШ ќе амнестира криминал и злоупотреби од формат каков што беше тој на ВМРО-ДПМНЕ за време на Никола Груевски и Сашо Мијалков – се издиша целосно со печат на највисоката и најкредибилна европска институција.

Ова е голема победа за тие што бараат одговорност за злоделата и голем пораз за тие што, толку години по покренувањето на обвиненијата и по толку истраги и докази, сакаат и натаму да продаваат приказни за политичко прогонство од страна на актуелната власт, место да излезат, да се извинат за грешките и да ја прифатат одговорноста. Само во Македонија, во која културата на корупција е издигната на пиедестал и е присутна во сите пори на државата, некој може да добие вакво поматување на свеста и да верува дека може некаде да бара правда за наводно прекршени човекови права – по незаконска амнестија, за криминална власт, за 56 лица и за 111 злоупотреби, за кои и самите знаеле дека се тоа, бидејќи и пред да им покренат обвиненија барале начин како да се спасат.

Стразбур денес практично им пресуди на Сваровски функционерите во Македонија кои веруваа дека преку овој процес надвор можат да влијаат на текот на судските случаи што сѐ уште се водат во државава. Стразбур им покажа што е правда и им нагласи дека неговата одлука е – конечна. Сега можат само да шират пропаганда и лажни надежи дека целата постапка можат да ја повторат откако ќе завршат судењата и откако ќе ги искористат сите правни истанци.

Одлуката на Судот за човекови права повлекува неколку работи. Сега, кога е расчистен патот за случаите на СЈО и кога никој не треба да се плаши дека ќе се запрат или поништат, ние треба да ја завршиме домашната задача и да ги истераме до крај судењата што неколку години ја фрустрираат јавноста, кои се мотив за внатрешна дестабилизација на земјата и политиката ја претворија во Бит пазар. Со овој аргумент во раце нашите судови треба да покажат дека се достојни на задачата, бидејќи Стразбур јасно напиша дека верува во нашата правда и гледа капацитет во институциите да спроведат праведни судења. Никој не бара да се осудат ако не се виновни, но никој не сака ни да се амнестираат, ако ја оштетиле Македонија. По уривањето на СЈО, што беше најцрниот ден за правдата во Македонија, одлуката на Стразбур е најсилниот мотив, на урнатините на оваа институција, да се врати довербата во правдата во државата.

Одлуката на Стразбур навидум е процедурална и техничка, а не политичка, што се очекува всушност од ваква институција. Сепак, тие што побрзаа така да ја протолкуваат, ни самите не можат да објаснат зошто еден суд од ваков ранг би потрошил пет години за да констатира дека жалбата на апликантите била преуранета, кога можел воопшто и да не ја почнува постапката врз таа основа. Судот за човекови права во Стразбур е суд, а не политичка партија и нереално е да се очекува дека ќе дава јасни политички оценки за случаи како овој со обвинетите функционери на ВМРО-ДПМНЕ и Едмонд Темелко. Но, самиот факт дека за предметот се расправаше пет години и дека во него јасно стои дека обвинетите имале на располагање механизми (ако биле во право) да докажат дека им се прекршени правата со тоа што не им се признава аболицијата на Иванов, кажува дека за Стразбур недопустливоста и неиздржаноста на жалбата се засноваат не само на тоа што е преуранета, туку и на суштината заради која е покрената. Пораката на Стразбур во правното образложение е подиректна  и значи дека, да биле во право обвинетите функционери од ВМРО-ДПМНЕ дека им се нарушени човековите права со тоа што не им се признава аболицијата, тоа ќе го докажеле и во судовите во Македонија кои, пак, напротив, „пресудиле“ обратно со прифаќање на обвиненијата.  

Одлуката во Стразбур сега ќе ги впери уште повеќе рефлекторите врз обвинителствата и судските органи во државата. Кога Стразбур не си дозволи да им даде амнестија на криминализираните структури од ВМРО-ДПМНЕ, станува многу потешко или барем потешко објасниво преку правни акробации и политички пазари да се амнестираат истите во нашата држава. Можниот пазар на ВМРО-ДПМНЕ околу уставните промени денес доживеа сериозен удар.

Иако амнезијата е силна страна на главната опозициска партија, сега стана многу потешко ВМРО-ДПМНЕ да ја обвинува власта за политички прогон околу случаите поврзани со СЈО. Стразбур јасно напиша во одлуката дека не „констатира прекршување на човековите права во кривичниот прогон“, така што таквата реторика нема меѓународен печат дека е вистина, што значи е политичка лага.

Одлуката на Стразбур е печат и на политичкото наследство на поранешниот претседател Ѓорге Иванов кој ќе остане засекогаш запамтен само во овој контекст, т.е. како државник кој пробал да го изигра Уставот и се престроил отворено на страната на криминалот. Жална и е срамна притоа реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуката на најпочитуваниот европски суд, тврдејќи дека жалбите се отфрлени само затоа што се преуранети и дека „правдата и суштината еден ден ќе излезат на виделина“. Тој ден може да биде само враќањето на Сваровски судството.