Стопанска банка Битола побара извинување од СДСМ. СДСМ се „извини“
„Најостро ја осудуваме денешната прес-конференција на СДСМ и изнесените невистини и манипулативни наводи, кои се во целосна спротивност со јавните заложби на оваа партија за привлекување нови инвестиции и унапредување на регионалната соработка. Зачудувачки е што токму СДСМ, партија која претендира да биде сериозен политички фактор, си дозволува да пласира неосновани и неточни информации за субјект од банкарскиот сектор, со што внесува несигурност во банкарскиот систем, а со тоа директно ја доведува во прашање сопствената политичка одговорност и кредибилитет.
Дополнително, зачудувачки е тоа што СДСМ ги изнесува истите ставови кои во изминатиот период ги застапуваше нивниот долгогодишен политички партнер ДУИ“, се наведува во реакцијата на Стопанска банка Битола по денешната прес-конференција на СДСМ каде опозициската партија зборуваше за чудното преземање од страна на српската Алта банка.
Во реакцијата се вели дека Алта банка во континуитет има исклучителни деловни резултати и силен раст, а во 2024 година доби награда за најбрзо растечка и најиновативна банка во Србија и дека Стопанска банка Битола е горда што добива сериозен и стабилен стратешки партнер.
Доколку СДСМ јавно не се извини за изнесените невистини и дезинформации, ќе бидат преземени сите соодветни правни и институционални чекори за заштита на угледот и интегритетот на банката“, се вели во реакцијата на банката.
СДСМ потоа преку соопштение рече дека се „извинува“ и дека се надева дека тоа го прифаќаат што навреме не сфатиле дека „сте претставник на ВМРО-ДПМНЕ и дел од нивниот партиски систем.
Соопштение од банка што е политички мотивирано како вашето, или да бидеме конкретни – испраќање политичка порака, каква што е коментирање на нечии коалициски партнери, не е ниту соодветно, ниту досега видено во сферата на банкарството, па ниту во политиката (банка да комуницира како партија).
Веројатно сè уште не сте запознаени со тоа, но не ви забележуваме, имајќи предвид дека до неодамна бевте менувачница. Во времето кога ДУИ беше коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Вие сè уште бевте во Земун, па можеби не сте запознаени со тие околности. Сепак, можете да проверите кај вашите партнери од ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така може да проверите како тоа Европската централна банка има преземено ригорозен чекор само Трајко Славевски и НБРМ без размислување го дозволиле преземањето во Македонија?“, вели СДСМ.
Опозициската партија прашува дали Алта банка ги тужела и медиумите во србија кои објавувале текстови за неа и наведува линкови до десетина текстови.