Стилски избор: Маица или чанта, СЈО или Боки ?
Кој ќе го издржи жешково модно и политичко лето во Скопје, ќе раскажува.
Не за култната поло туку за СЈО маицата.
Со ракави, испеглана, неиспеглана, запотена, намирисана, засмрдена, со издепилирана или со влакнеста мишка.
По маицата мажот и жената се познаваат.
Како ја носат, кај ја носат и со кого ја носат.
Лесно се суши и има статус пери – носи.
Не избира години, става, функција ниту пригода.
Се облекува од сабајле до навечер, за работа, за прошетка, за плажа или за неформален настан.
Спортското парче е ултимативен тренд.
Златна средина меѓу кошула и долна облека.
Во што е тајната на маицата?
Ноншалантност, удобност, момент на мрзливост, бунтување против дрес-кодот и жештините или поддршка за правда?
Од синтетика или од памук, кај маицата има правила иако стилот е релативен.
Не носи маица на свечени и официјални настани.
Не носи маица без ракави, освен на плажа.
Комбинирај ја со сако или со кошула, ама само за неформални настани.
Не е с# во изгледот, ама немате втора шанса за прв впечаток во маица!
А моден додаток?
Оригинална или фејк чанта Шанел или Луј Витон, се прашува секоја жена со пари и без пари пред излог на продавница.
Тоа е како да избира помеѓу син или ќерка. Одлуката е нерешена.
Како и чевлите, така и чантите. Колку и да ги имате, никогаш доста.
Така е во светот. А кај нас?
Фала богу, што стандардот не ни дозволува да одиме во чекор со сезоните. За нас актуелна чанта знае да биде и од пред неколку сезони.
Кој би забележал? Можеби неколку наши трендсетерки кои можат да се избројат на прсти. Ништо страшно. Пострашно е што повеќето Македонки ќе изберат убави и скапи чевли а чантите се секогаш поевтини со послаб квалитет.
Види и ја чантата на жената, па ќе откриеш каква е – е мотото во Македонија.
Не знам зошто е тоа така кај нас. Можеби зашто чевлите се преценети, а чантите потценети. За жена која има стил и чантата мора да е квалитетна, дизајнирана според личен вкус, и што е најважно, да е од кожа , а не од некој сомнителен материјал кој мириса од далеку.
Чантите како и чевлите треба да знаете да ги носите на соодветно место и во соодветно време. Не мора толку да се инсистира на старото правило: иста боја чевли-иста боја чанта, туку на големината во однос на пригодата.
Нашите жени тука највеќе грешат. Навечер носат големи и тешки чанти, а всушност треба да изберат помали кои ја прават поелегантна секоја тоалета.
Како што постои дневна и ноќна шминка, постојат и дневни и вечерни чанти.
Кај нас жените можете да ги видите во тренерки и патики, ама со вечерна шминка. Некои навики не се менуваат. Ама тоа е друга приказна.
Лејла Сабит