Стефоска се сретна со актерите од Струмичкиот театар: Бараме најдобро решение


Фото: Б. Грданоски

Според постоечкиот закон, кој е донесен пред години Комисијата во Министерството за култура ја испочитува од почеток до крај формално правната процедура и затоа Васил Бубев беше назначен за директор на Струмичкиот театар. Јас сум легалист, но не значи формален легалист. Откако ги сослушав актерите од театарот се договоривме да си дадеме време до понеделник за да го најдеме најдоброто решение во интерес на ансамблот и на Центарот за култура во Струмица.

Ова денеска го изјави министерката за култура Ирена Стефоска по средбата со актерите од театарот и потписници на иницијативата „Фискултура или култура“.

– Им благодарам на актерите од Струмичкиот театар за денешната средба на која искрено разговаравме за сите проблеми во театарот и во Центарот за култура во Струмица. Им благодарам за фактот што со нивната гласност ми помагаат и мене и на сите културни работници во земјава новиот Закон за култура кој е во процедура што побрзо да биде донесен, бидејќи во него меѓу различните новитети еден од условите за станување раководител на институција се високи стручни квалификации во областа, рече Стефоска.

Актерот од Струмичкиот театар и потписник на иницијативата „Фискултура или култура“, Ванчо Василев рече дека средбата поминала многу добро и се надеваат дека заеднички ќе го надминат проблемот и ќе биде избрано најдоброто решение и најсодветниот кандидат да биде на чело на нивната институција.

На прашање кое е според нив најдоброто решение, тој истакна дека се надева дека ќе бидат испочитувани и формално правните процедури и општо моралните, етничките и еснафските причини на нивната фела.

Министерката Стефоска посочи дека легалниот момент е испочитуван од почеток до крај и затоа си дале време до понеделник за да го надминат проблемот, а при тоа да не го кршат законот.

-Ги повикувам Струмичкиот ансамбл и сите културни работници преку народните избраници да апелираат новиот закон за јавен интерес, што побрзо да биде донесен во Собрание, додаде министерката Стефоска.

Актерот Стојан Велков рече дека нивната позиција како иницијативен одбор е таа да не отстапуваат да биде сменет веќе назначениот директор и да се оди во насока на распишување, односно негово отповикување и раскинување на конкурсот со тоа што би се дала можност да се пријават други кандидати кои би биле посоодветни на оваа функција.

-Ако до понеделник не бидат решени одредени работи и не одат во насока во која е нашата крајна цел, а тоа е да биде тргнат од директорско место Бубев ќе пристапиме кон порадикални мерки, како што се непослушност, протести итн., додаде Велков.