Стефковски ги засука ракавите – тргна неколку коли од калта


Под паролата „Акција за почитување на законот и заштита на зелените површини“, градоначаклникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска во соработка со МВР и ЈП Градски паркинг, спроведе акција на патниот правец R-1102, во близина на пазарот за стари работи, од каде со „пајак-службата“ отстранија неколку автомобили, паркирани покрај патот – во калта.

Тој, на социјалните мрежи вели дека акцијата била насочена кон откривање и санкционирање возачи кои со своето однесување го нарушуваат јавниот ред и ги оштетуваат зелените површини.

„Нема толеранција за прекршување на законот. Со оваа акција се упатува јасна порака дека институциите постапуваат координирано и одлучно кога станува збор за заштита на јавниот простор и почитување на законските прописи. Потсетуваме дека согласно член 33 од Законот за урбано зеленило, строго е забрането запирање, движење и паркирање на зелена површина.
Зелените површини се заштитен јавен ресурс и нивното уништување или узурпирање претставува прекршок кој се санкционира. Исто така, согласно член 23 од Одлуката за комунален ред, секое непочитување на пропишаните правила претставува прекршување на комуналниот ред и повлекува соодветни мерки и казни“, додава Стефковски во објавата.

Апелира до сите граѓани и возачи да ги почитуваат законите и сообраќајните правила, да не ги узурпираат зелените површини и да придонесат за почиста, поуредена и побезбедна средина за сите.

Да ја чуваме заеднички нашата општина, јавниот простор и зеленилото – порачува градоначалникот на Гази Баба.