Стартува новата редовна авиолинија Скопје – Љубљана


Со коктел-забава како изненадување и мали подароци за патниците во заминување на првиот лет, ТАВ синоќа на Меѓународниот aеродром Скопје го означи стартот на новата редовна авио линија Скопје–Љубљана, на „Визер“.

– ТАВ ја прославува оваа одлична пригода – воведувањето на новиот лет на Wizz Air на релација Скопје – Љубљана – Скопје. За оваа авиолинија имаше голема побарувачка, со оглед на тоа што има многу деловни патници, студенти и македонски иселеници кои често патуваат меѓу двата града, а речиси 4 години, од 2019 година досега, немаше директна авиоврска меѓу Скопје и Љубљана. Среќни сме што Wizz Air го препозна ова барање и веруваме дека нивните услуги ќе ги задоволат потребите на нашите патници. Воведувањето на оваа нова рута, исто така, ќе им служи и на рекреативните патници и ќе ги зајакне нашите врски со Словенија. Љубљана, со своето богато културно наследство и енергична атмосфера, беше мошне очекувана дестинација за патниците од Скопје. Би сакал да изразам искрена благодарност до „Виз“ за нивната одлука да ја додадат оваа рута од нивната база во Скопје, со што ќе се зајакне регионалната поврзаност. Со нетрпение очекуваме да им посакаме добредојде на патниците на скопскиот аеродром, да обезбедиме беспрекорни аеродромски услуги и да создадеме трајни спомени при нивните патувања, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

„Визер“ ќе лета на релација Скопје – Љубљана – Скопје два пати неделно, секоја среда и недела. Времето на заминување во среда од Меѓународниот аеродром Скопје е 18:40 часот, со време на пристигнување во Љубљана во 20:20 часот. Полетувањето од Љубљана е во 20:55 часот со слетување на скопскиот аеродром во 22:30 часот.

Времето на заминување во недела од Меѓународниот аеродром Скопје е 19:00 часот, со време на пристигнување во Љубљана во 20:40 часот, додека полетувањето од Љубљана е во 21:15 часот со слетување на скопскиот аеродром во 22:50 часот.

Авиобилетите се во продажба по цена почнувајќи од само 1.539 денари, информираат од ТАВ.