Стармер пристигна во Украина на разговори со Зеленски


Киев – Британскиот премиер Кир Стармер денеска пристигна во Украина со ветување дека ќе помогне во обезбедувањето на безбедноста на земјата цел век, неколку дена пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.

Британската влада објави дека Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе потпишат договор за „стогодишно партнерство“ во Киев, кој ќе вклучува области како што се одбраната, науката, енергијата и трговијата.

Ненајавеното патување на британскиот премиер во Украина е негова прва посета на земјата по доаѓањето на власт во јули минатата година. Тој ја посети Украина во 2023 година, кога беше лидер на опозицијата, а потоа имаше два разговори со Зеленски во резиденцијата на британскиот премиер на ул. Даунинг стрит 10 во Лондон.

Велика Британија, еден од најголемите поддржувачи на Киев, обезбеди воена и цивилна помош за Киев во вредност од 12,8 милијарди фунти откако руските сили ја нападнаа Украина пред речиси три години.

Покрај тоа, Обединетото Кралство исто така обучи над 50.000 украински војници на британска територија. Се очекува Стармер да објави и доделување на 40 милиони британски фунти помош за повоената обнова на земјата.