Стано: Косово ризикува да остане само
„Дали е во интерес на Косово да има конфликт меѓу нашата полиција и американските војници? Не верувам дека има барем еден Албанец што се согласува со тоа“, изјави вчера Османи за новинарите.
Нејзините коментари дојдоа откако САД, ЕУ и НАТО го предупредија Курти дека планот може да предизвика етничко насилство, принудувајќи го НАТО да интервенира за да го зачува мирот.
„Немаме причина да имаме конфликти со нашите сојузници. Тие нѐ спасија… и тука се со нас за да го заштитат нашиот суверенитет“, рече Османи. Сепак, таа оцени дека изјавите на европските претставници за отворањето на мостот на Ибар се „расистички“ и дека не треба да се прифати за прашањето за мостот да се разговара во Брисел.
Локалните медиуми објавија дека отворањето би можело да се случи вчера, но до попладнето тоа не се случи и работниците сѐ уште го бојадисуваа мостот, пренесе Ројтерс.
Мисијата на НАТО на Косово оваа недела рече дека „нема да се двоуми да дејствува како одговор на каков било значаен развој во безбедносната ситуација“. Иста порака стигна и од Стејт департментот околу заштитата на американските војници тука.
Висок претставник на НАТО за Ројтерс изјави дека една од опциите е да се блокира мостот со војници и оклопни возила доколку владата се обиде да го отвори.
„Навистина немаме ништо ново да кажеме на темата за повторното отворање на мостот, како и за сите случајни коментари на кои се повикувате“, изјави за Косово онлајн портпаролот на ЕУ, Петер Стано, прашан за коментар за изјавата на косовската претседателка.