Стабилноста на денарот е јавно добро и клучна за стабилноста на економијата

Обраќање на Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Свечената академија по повод 30 години монетарна самостојност


Стабилноста на денарот е јавно добро и е клучна за општата стабилност во економијата, изјави синоќа Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во обраќање на Свечената академија по повод 30 г.монетарна самостојност.

Таа нагласи дека тоа и укажува колку е голема одговорноста која што ја има Народната банка како институција која што има мандат да се грижи за неговата стабилност.

„Но одговорност да даваат свој придонес имаат и сите други чинители во општеството, бидејќи благодатите од макроекономската стабилност ги ползуваме сите. За жал, знаеме дека во овие турбулентни времиња, не еднаш се случија шпекулации кои што не можеа да постигнат ништо друго, туку да ви наштетат вам, нам, на целата економија. На овој свечен ден, кога чествуваме јубилеј кој што не е значаен само за Народната банка, туку за татковината и за нацијата во целина, стоејќи пред вас, уште еднаш нагласувам – стабилноста на денарот е загарантирана!“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа во обраќањето рече дека чествувањето на триесетгодишен јубилеј од значаен историски настан, каков што е монетарното осамостојување на современата македонска држава, не е само чест и повод за празнување.

„Тоа е и обврска, стоејќи простум пред генерациите посветеници кои што се вложија во она што денес е наша современа монетарна историја, но и пред генерациите на кои што им ја должиме иднината, рече Ангеловска-Бежоска .

Таа посочи дека монетарната самостојност и парична единица – денарот се клучно поглавје на нашата приказна – суштествен елемент на нашиот идентитет.

„Во 1991 година се оствари сонот за самостојна, суверена и независна, современа македонска држава, но без монетарното осамостојување кое што се случи на овие дни во 1992 година, без независна централна банка и без национална валута, нашата приказна не ќе беше целосна. Ова не смееме да го заборавиме ниту денес, ниту во било кој миг во времето идно, не само за соодветно да го валоризираме минатото, туку и за да можеме во сегашноста да го оствариме влогот кој што е потребен за иднината на нашата автентична приказна“, рече гувернерката, додавајќи дека сме должни приказната и во ова поглавје да ја продолжиме.

Осврнувајќи се на почетоците на монетарното осамостојување таа потсети дека се започна со речиси нула девизни резерви, хиперинфлација која што во 1992 година достигна близу 1.700 отсто, рецесија, постојана депрецијација на домашната валута и општа макроекономска нестабилност.

„Ефектот од сето тоа го чувствуваа граѓаните и сите чинители на економијата, која што беше во пад сè до 1996 година. Не смееме да заборавиме, бидејќи тогаш кога се губи помнењето за настаните од историјата, се губи и потенцијалот за критичко опсервирање и носење правилни одлуки во актуелната стварност“, рече таа.

Зборувајќи за периодот на стабилизација Ангеловска- Бежоска рече дека биле потребни храбри и решителни чекори кои тогашните носители на политиките ги преземаа со цел макроекономска стабилизација, а кои што беа поддржани и од меѓународните финансиски институции, особено преку првите аранжмани со ММФ и Светската банка во 1993 година.

„Резултатот од сето ова беше видлив преку постепено сведување на инфлацијата на едноцифрена стапка, јакнење на девизните резерви, контрола над монетарните агрегати и консолидирање на фискалниот сектор. Клучно, во 1995 година беше официјализирана монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот – стратегија која што и денес претставува сидро на стабилноста на македонската економија“, нагласи гувернерката, осврнувајќи се и на носењето на основната регулаторна рамка за банкарскиот систем и супервизијата, како и санацијата на банкарскиот систем, што овозможи и негова трансформација на пазарни основи, и реформата на платниот системи и јакнењето на другите централно банкарски функции.

„Со сето ова се создадоа предуслови, монетарното поглавје на нашата приказна, веќе 25 години да биде испишано со макроекономска стабилност и имплементирање на високите меѓународни и европски стандарди. Веќе повеќе години наназад, и Европската комисија, во своите годишни извештаи за напредокот во сегментот на монетарната политика, констатира високо ниво на усогласеност со европското законодавство“, рече Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката се осврна и на бројните предизвици, како кризните епизоди од 2001, 2008 и 2016 година, во кои што како централна банка помеѓу другото требаше да се справуваме и со криза на доверба, за жал поттикната и од бројни шпекулации.

„Во сите овие епизоди се соочивме со притисоци врз девизните резерви и курсот, при што на пример во текот на Глобалната финансиска криза од 2008/9 година изгубивме дури една третина од нив. Исто така, ова беа периоди и кога населението повлекуваше депозити од банкарскиот систем, кои што на пример во кризната во 2001 година се намалија за дури 8% во многу кус временски интервал“, рече гувернерката.

За жал, ниту во најновиот период не сме поштедени од сериозни предизвици, додаде таа.

„Појавата на пандемијата предизвика економски загуби, бараше повторно реакција преку девизните резерви заради задржување на стабилноста на домашната валута, како и финансиски политики за поддршка на економијата и одржување на стабилноста на банкарскиот систем. Оваа пандемиска криза заради различни причини повторно го актуализира прашањето за инфлацијата, ставајќи го во фокусот на централните банки“, рече таа, посочувајќи ја и војната во Украина, која што покрај тоа што е човечка трагедија, носи и економска цена во облик на дополнителни инфлациски притисоци и забавување на економиите.

„Секој историски значаен јубилеј, во извесна мера нè поставува на крстопат, при што осврнувајќи се на веќе оствареното, треба да донесеме одлука или да потврдиме по кој пат продолжуваме понатаму. Затоа, морам да истакнам дека независно од тоа како ќе се одвива евроинтегративниот процес на земјата, европските стандарди ќе продолжат да бидат наша водилка кон европското семејство на централни банки. А тогаш кога ќе се заокружи европско поглавје од нашата приказна и денарот ќе остане наш историски симбол на стабилност, верувам дека уште еднаш ќе се потврди дека како централна банка сме чекореле по вистинскиот пат“, рече Ангеловска-Бежоска.

Зборувајќи за идните планови гувернерката рече дека по глобалната економска криза од 2008/9 година наваму, а вклучително и по искуствата од ковид-кризата, во време на забрзани промени на глобалната сцена како резултат на глобализацијата, дигитализацијата и финансиските иновации, мандатот на централните банки постојано се менува и дополнува со нови функции.

Во тие рамки таа посочи дека посебен фокус се става на финансиската едукација и инклузија, поддршка на развојот на финтек-секторот, за што е изработена и прва верзија на националната стратегија со цел, како што посочи „да придонесеме нашата приказна да биде регионален лидер и во оваа сфера“.

По примерот на Европската централна банка, токму годинава, кога чествуваме триесет години откако денарот е наша парична единица, започнавме и со првични активности за разгледување на можноста и потребата од воведување дигитален денар. Ако анализите покажат дека е потребно и соодветно воведување дигитален денар, при некои од следните одбележувања на денот на монетарното осамостојување, се надевам веќе ќе говориме и за дигиталниот денар како официјално платежно средство во земјата“, рече гувернерката Ангеловска – Бежоска.