ССК се огради од мерките на Владата, не биле доволни и нема да ги постигнат очекуваните резултати


Данела Арсовска

Баравме системски мерки за сите засегнати, а не делумна помош во криза, велат од Сојузот на стопански комори

 

Сојузот на стопански комори денес се огради од мерките објавени во вториот сет од страна на Владата, со појаснување дека тие барале системски мерки за сите засегнати микро, мали и средни претпријатија без оглед на дејноста, а кои се засегнати од кризата.

„Наместо тоа со оваа делумна помош не се постигнува крајната цел, а тоа е да се сочува економијата и да се задржат работните лица особено за оние правни лица кои се најмали и незаштитени и на кои овие потреси ќе им го уништат целиот труд да се самовработат и да си ги издржуваат семејствата“, реагираат од Сојузот на стопански комори.

Од таму нагласуваат дека воведување на системски мерки беше важно и тоа во економски пакет од страна на Владата по примерот на многу држави кои реално и вистински би ја подржале економската стабилност и работењето на домашните компании.

„Затоа ги предложивме на Економскиот совет и исто така и на писмено ги доставивме следните мерки за претприемачите и микро, малите и средни претпријатија погодени од кризата: Владата да одобри поддршка од 100 отсто нето платата за следните 3 месеци; Владата да ги покрие сите даноци и придонеси на платите за вработените за следните 3 месеци; правните лица кои се погодени од кризата да не плаќаат аконтација на данок на добивка во 2020 година; мораториум на сите казнени камати како и камати на задоцнето плаќање на обврски за следните 6 месеци; вработените кои припаѓаат на групата лекари, трговци и сите кои сега се најоптоварени и под ризик, од владата да им се исплати еднократен бонус; по изминувањето на кризата да се изнајде соодветно решение како средствата да се вратат во буџетот согласно можностите на претпријатијата“, се вели во реакцијата на ССК.

За да ги дадат очекуваните резултати од комората предложиле, како што се вели во соопштението „едноставни критериуми. Првиот, да не се дискриминира по дејност, секој кој е погоден од кризата потребно е да има еднаква можност да аплицира, доколку некој несовесно аплицирал средства, неправилности може да се бараат и истражуваат откако кризата ќе заврши. Вториот, да се отстрани критериумот намален број на работници, со оглед што до сега немаше употребливи мерки кои важат за сите правни лица, дел од нив одјавија вработени, не по своја желба или волја туку под притисок од страв за неликвидност и трупање долгови и обврски. И третиот, да не се бара обемна документација, која институциите електронски можат да ја добават по службена должност.

„Со барање документи да се достават од УЈП, Централен регистар и други, правните и физичките лица се изложуваат во оваа криза на здравствен ризик од трчање по шалтери за издавање документи, но и на непотребни трошоци во време и финансии (да се има во предвид дека голем број од нив особено микро и малите фирми, претприемачите и занаетчии немаат електронско банкарство ниту токени)“, велат од ССК.

„Владата објави два пакети на економски мерки кои се недоволни и кои нема да ги постигнат очекуваните резултати“, констатираат од Сојузот на стопански комори.

Од таму додаваат дека над 99 отсто од правните лица во Македонија се микро, мали и средни компании, тие доминантно се членови на Сојузот и ги почитуваат мерките кои се предвидени, а исто така и преземаат дополнителни активности, секој согласно своите можности за во прва линија да се заштити здравјето на луѓето, но и за да се постапи општествено одговорно и да се помогне на оние кои се најмногу погодени од настаната криза.