Српската министерка по скандалозната изјава: „Требаше да кажам депортација, а не етничко чистење…“
Снежана Пауновиќ тврди дека седум секунди од нејзиното интервју за ТВ Курир биле злонамерно извлечени
Српската министерка Снежана Пауновиќ, која пред неколку дена предизвика лавина реакции поради нејзината изјава дека би извршила етничко чистење на Косово доколку била на местото на Слободан Милошевиќ во 1998 година, сега тврди дека нејзината изјава е извадена од контекст, објавува Н1.
Во интервју за ТВ Прва, Пауновиќ тврди дека седум секунди од нејзиното интервју за ТВ Курир биле злонамерно извлечени со цел да ја обвинат за етничко чистење.
Во новото интервју, таа рече дека можеби би било подобро да го употребила терминот депортација, а не етничко чистење, за да можела да избегне јавно „распнување“.
Според неа, изјавата предизвикала политичка пресметка, чија крајна цел била да се наруши угледот на Србија.
„Да, веројатно би рекла депортација, за да се избегне распнување. Секој што е нормален разбира за што зборувам“, рече таа, а потоа се обиде да оправда зошто го кажала тој термин.
„Кога сте етнички исчистени, а ние речиси сме, тогаш е природно тој термин да ви се вреже во главата“, рече таа. Дополнително, таа се обиде да го разјасни своето појавување на ТВ Курир велејќи дека не мисли дека етничкото чистење треба да се спроведува на начинот на кој, како што тврди, денес го прават косовските Албанци.
„Не со ликвидирање на некого, туку по слободна волја“, рече министерот. „Милошевиќ требаше да го стори следново: секој што не го почитува Уставот и законите на тогашната Сојузна Република Југославија требаше да биде вратен во својата матична земја, што тој мисли дека е подобро за него, а со терористите требаше да се справи официјалните вооружени сили“, тврдеше таа.
Таа упати сериозни обвинувања против министерот за внатрешни работи во Владата на Косово, Џелал Свечла, кој ѝ забрани влез во Косово, дека е „истакнат член на терористичката Ослободителна војска на Косово“.
„Тој убиваше и етнички ја чистеше Метохија, учествуваше во киднапирање луѓе, носејќи ги во ‘жолтата куќа’, каде што им ги вадеа органите“, рече таа.
Коментирајќи ги повиците на опозицијата за нејзина оставка, Пауновиќ рече дека ќе се повлече од функцијата министер за државна администрација и локална самоуправа доколку мнозинството граѓани го посакуваат тоа. „Но, мнозинството од Србија! Нема да ги исполнам желбите на ловците на фотелји, ќе биде малку потешко“, заклучи таа.