Средношколците со попреченост од септември ќе имаат образовни асистенти


Од септември годинава средношколците со попречености ќе имаат образовни асистенти во средните училишта, рече министерската за образование Весна Јаневска на денешната прес-конференција.

„Законот за средно образование вчера помина на Влада и ќе оди во собраниска процедура. Се надевам дека овојпат ќе помине како што треба. Претходниот Закон не предвидуваше образовни асистенти во средните училишта. Овој закон го предвидува тоа. Она што е сигурно дека тие од септември оваа година ќе имаат образовни асистенти, а во моментов доколку има сериозна потреба и непополнето место за образовен асистен ќе се потрудиме да обезбедиме и за овие ученици“, рече Јаневска.

Министерката Јаневска на 10 септември лани, рече дека очекува образованите асистенти за средно образование најрано да почнат со ангажман од јануари 2025, но родители на ученици со попреченост велат дека ни во второто полугодие од учебната 2024/2025 нема образовни асистенти.

Меѓу новините во новите закони за основно, средно и средно стручно образование е што се дава можност асистентот да го следи ученикот за време на целото образование, освен ако не престане потребата, ако асистентот си замине или на инсистирање на родителите, ако сметаат дека може да постигне успех со друг асистент.

Јаневска лани кажа дека за оваа учебна година се обезбедени 815 образовни асистенти, за останатите 200 асистенти се чекаше на ребалансот на буџетот, за да се обезбедат средства.