Средба Бесими-Агелер: Македонија да продолжи по патот за полноправно членство во ЕУ, поддршка од САД за реформите на тој пат


Министерот за финансии Фатмир Бесими се сретна со амбасадорката на САД во земјава Ангела Агелер. На средбата стана збор за актуелните политикички и економски случувања во земјата, како и за напорите што се вложуваат за имплементација на реформите во управувањето со јавните финасии, како и за борбата со корупцијата.

„РС Македонија се наоѓа во значајна фаза да ја покаже зрелоста и да продолжи по патот за полноправно членство во ЕУ. Преговорите со ЕУ се отворени и треба да ја искористиме секоја можност тој пат да го изодиме чекор по чекор што поскоро, зашто бенефитите од членството во ЕУ се многубројни и за државата и за граѓаните. Во остварување на оваа наша цел значајна поддршка имаме од нашиот долгогодишен партнер и поддржувач САД, особено преку поддршката што ја даваат во реформите што ги спроведуваме“, рече министерот Бесими.

Тој потенцира дека во Владата и во Министерството за финансии посветено се работи на обезбедување фискална одржливост, стабилни јавните финансии и долгорочен раст и дека се преземаат повеќе чекори за тоа да се реализира.

Подвлече и истовремено се заблагодари на САД за безрезервната поддршка што ја дава на земјава во нејзинот развој и особено за поддршката од Трезорот на САД чии експерти се веќе во Министерството за финансии со цел зајакнување на капацитетите на секторот Трезор.

 

Континуирано работиме на јакнење на сопствените капацитети со цел да придонесеме  кон унапредување во упраувањето на јавните финансии. Минатата година за таа цел го донесовме и новиот Закон за буџети кој претставува најголема реформа во јавните финансии од осамостојувањето на државата и кој поставува правила кои се согласно европските стандарди.