Србија во вториот квартал имала пад на БДП од 6,5 отсто, најголем од 1999 година


Под влијание на здравствената криза во второто тримесечје од оваа година, Србија, според првичните податоци на Републичкиот завод за статистика, има пад на бруто-домашниот производ (БДП) од 6,5 проценти, што е најголемото намалување од 1999 година, изјави главниот економист на Фискалниот совет, Данко Брчеревиќ.

„Најголем пад за време на претходните кризи беше во вториот квартал од 2009 година кога беше речиси половина помал од сега и изнесуваше 3,5 отсто и во третиот квартал 2014 година кога беше четири проценти заради поплавите и’ бездната’ во која беа јавните финансии на земјата“, рече Брчеревиќ за Бета.

Тој посочи дека некои толкувања на резултатите од вториот квартал не биле објективни, што ја вклучува и изјавата на премиерката Ана Брнабиќ дека резултатот во вториот квартал е многу подобар од очекуваниот, пренесува Банкар.ме.

Падот на БДП од 6,5 проценти не беше изненадување затоа што, како што вели, Фискалниот совет предвидуваше дека во вториот квартал на 2020 година падот на БДП ќе биде околу седум проценти.

„Не е изненадување ниту што падот на производството во Србија во вториот квартал е многу помал отколку во повеќето други земји на ЕУ, каде според првата проценка на Европскиот завод за статистика, падот на БДП беше дури 14,4 проценти, двојно повеќе отколку во Србија“, рече Брчеревиќ.

Причината за помалиот пад на производството во Србија не е во тоа што, како што вели, се водат поуспешни економски политики од другите, туку дека Србија е една од најсиромашните европски земји.

Во српската економија, според него, уделот на активности со висока додадена вредност, како што е автомобилската индустрија, производство на машини и опрема и туризам, за кои побарувачката падна нагло за време на кризата, не е толку голем, туку повеќе се потпира на земјоделството, прехранбената индустрија, производство на хемикалии за домаќинства, кои во кризата немаа пад.

Тој оцени дека не е добра практика што официјалните лица во Србија соопштуваат статистички податоци за економијата пред да ги објават надлежните институции на СБС, кои потоа се користат за пристрасно толкување на податоците пред некој да ги види.

„Ако Републичкиот завод за статистика ги има податоците подготвени неколку дена пред да бидат официјално објавени, не гледам причина зошто тие не треба да ги објават прво, а доколку податоците не се подготвени, тоа е уште поголем проблем, бидејќи нивното предвремено објавување може да изврши притисок врз СБС за се прилагодува на тоа “, рече Брчеревиќ.

Исто така е малку веројатно дека Србија, како што рече, ќе избегне пад на БДП до крајот на годинава, како што најави Брнабиќ.

„Фискалниот совет исто така очекува ситуацијата да се подобри некаде до крајот на годината во однос на вториот квартал во кој траеше вонредната состојба, но ова подобрување нема да биде доволно за да се вратат негативните економски текови од неколку причини“, рече Брчеревиќ.

Причината зошто падот на БДП се очекува да продолжи до крајот на годината, рече тој, е тоа што некои делови од економијата, како што е туризмот, ќе бидат погодени од епидемијата во текот на целата година, а не се очекува брзо закрепнување на земјите од ЕУ во кои извезува Србија, како и поради значајниот пад на директните странски инвестиции, што во претходните години беше важен двигател на растот на домашната економија.

Втората причина, вели тој, е што резултатите од втората половина од годината ќе се споредуваат со високата база од истиот период во 2019 година, кога БДП се зголеми еднократно како резултат на изградбата на гасоводот „Турски тек“, така што Фискалниот совет не очекува 2020 да заврши со нула раст како што најави Брнабиќ, туку со рецесија, односно пад на БДП од околу три проценти.