Србија пренасочува кон хотелите пари од неискористените ваучери за туризам


Србија ќе издвои 1,2 милијарди динари директна помош за градските хотели со цел да го одржат својот бизнис и да се зачуваат вработувањата во овој сектор, а најголем дел од средствата се пренасочени од 400.000 ваучери што нема да бидат распределени заради немање заинтересирани, го цитира белградски „Блиц“ српскиот министер за туризам, трговија и телекомуникации Расим Љаиќ.

Министерот изјави дека другиот дел од средствата за помошта за хотелите ќе бидат обезбедени од буџетските резерви.

Услов за добивање 350 евра по кревет и 150 евра по соба е хотелиерите да не отпуштат повеќе од 10 проценти од вработените до крајот на годината.

Тој објасни дека ова практично значи дека ако еден хотелиер пријави дека има 10 еднокреветни соби, ќе добие по 500 евра од соба, или вкупно 5.000 евра како неповратна помош.

Право на помош имаат 280 хотели во 27 градови во Србија, а јавниот повик ќе биде објавен за десетина дена со што појасно ќе се дефинираат критериумите за добивање помош.

Градските хотелиери можат да ги очекуваат парите на крајот на септември, а најдоцна на почетокот на октомври.

Основната дилема е зошто се помагаат само хотелите во градовите. Според Љаиќ, благодарејќи на домашниот туризам во планинските места и во бањите загубите се намалени и угостителите од овие места можат да „преживеат“, но од друга страна градските хотели зависат од странски туристи и затоа им е потребна државна помош.

„Верувам дека оваа поддршка од државата ќе им помогне да ја задржат главата над водата во овој тежок период и да се задржи вработувањето во хотелскиот сектор. Сигурно е дека ќе има критики зошто само хотели во големите градови, но нема најдобра одлука и одлука што нема никакви недостатоци“, вели Љаиќ додавајќи дека без оглед на големиот број домашни туристи во спа и планинските центри, конечниот исход во туризмот нема да биде позитивен заради малиот број странски гости.