Србија ја доби првата фирма во која ќе се работи четири дена во неделата


Во време кога Белгија сериозно се подготвува за воведување на четиридневна работна недела, Србија официјално ја доби првата компанија која работи четири дена во неделата.
По пробниот период кој траеше цели пет месеци, компанијата ManpowerGroup, која работи и во Србија, вчера официјално објави дека во иднина вработените ќе работат четири дена во неделата. Петти ден ќе има смени, каде вработените ќе се менуваат, пишува Блиц.
Резултатите во тест периодот покажаа дека продуктивноста на вработените е зголемена, при што беше истакнато дека според овој принцип на работа платата на вработените ќе остане иста.

Работниците во Белгија наскоро ќе можат да изберат четиридневна работна недела како дел од серијата реформи на пазарот на трудот. Реформскиот пакет договорен од повеќепартиската коалициска влада во земјата, исто така, ќе им даде право на работниците да ја исклучуваат работната опрема и да ги игнорираат пораките поврзани со работата по работното време без страв од одмазда.

Во меѓувреме, неколку компании ја тестираа оваа можност. Резултатите покажале дека вработените станале попродуктивни бидејќи поминувале помалку време на социјалните мрежи и со неработни активности. Еден анкетиран вработен од Нов Зеланд рече дека престанал да ги гледа пораките што му ги праќала неговата сопруга бидејќи бил многу фокусиран на работата. Многу компании си го поставија прашањето: „Зошто да не платите за резултатите од работата, наместо за деновите поминати во канцеларија?“

Мајкрософт исто така тестираше работа четири дена во неделата, а резултатите беа изненадувачки – продуктивноста на работниците се зголеми за 40 проценти. Многу други компании покажаа речиси идентични резултати, како и домашните искуства кои датираат од пред неколку децении, пишува Блиц.

Во текстот се потсетува дека работниците на Јавор од Ивањица, компанија која во времето на СФРЈ беше позната како еден од најголемите извозници во областа на текстилната индустрија, основана во 1948 година, добро се сеќаваат на намаленото работно време. Во осумдесетите имаа 3.700 луѓе на платен список, правеа повеќе од 10 милиони парчиња годишно… И не само тоа, го направија тоа што денес го прават многу големи светски компании – го скратија работното време и покажаа дека тоа е добар избор.

„Го скратија работниот ден од осум на шест часа и резултатите беа неверојатни. Продуктивноста се зголеми за 30 проценти, бројот на боледувања се намали… Имаше помалку отсуства, работниците беа посреќни. Ние бевме пионери во тоа“, изјави за „Блиц Бизнис“ претседателката на Здружението на слободни и независни синдикати на Србија (АСНС) Ранка Савиќ.
Таа вели дека е многу важно повторно да почне да се размислува за таква практика и да му се даде на човекот подолг период за надградба, семеен, социјален и културен живот. Бидејќи, како што тврди, повеќе време за себе значи поголемо задоволство, а тоа носи поголема продуктивност на работа

„Епидемиите и искуствата ширум светот покажаа дека пократките работни недели и четиридневното работно време не значат дека работата би страдала. Напротив, практиката и истражувањата на големите компании го покажаа спротивното. Имаме најнови примери, каде што старски и геронтолошки центри го скратиле работното време  за два часа, а ја зголемиле продуктивноста за 38 отсто“, вели Савиќ.

Нов Зеланд планира да им помогне на туризмот и економијата во земјата да закрепнат со воведување на четиридневна работна недела.

Премиерката на Нов Зеланд Џесинда Ардерн го одбележа туристичкиот сектор на таа земја, во која се вработени 15 отсто од населението, како дел од економијата што може да има голема корист од луѓето кои одмараат три дена во неделата.

Идејата беше поддржана во Канада, каде Џон Тругакос, вонреден професор на Ротманс Факултетот за менаџмент на Универзитетот во Торонто, истакна дека сега е „можност да се редизајнира начинот на кој ги правиме работите за да ги подобриме на долг рок“.

Тругакос истражуваше како да ги направи работните места и луѓето поздрави и попродуктивни повеќе од 12 години и рече дека четиридневните работни недели може да бидат корисни, пишува Блиц.