Србија и МОЛ потпишаа договор за НИС


Српската влада потпиша договор со унгарски МОЛ за идното управување со Нафтената индустрија на Србија (НИС), кој, под услов МОЛ успешно да го откупи уделот на Газпромнефт во НИС, ќе ѝ овозможи на унгарската компанија да стане мнозински сопственик на нафтената компанија и да обезбеди нејзин понатамошен развој и снабдување на Србија со нафтени производи.

Договорот доаѓа на денот кога истекува рокот што американските финансиски власти (OFAC) им го поставија на унгарската и руската страна да постигнат договор за преземање на 56,1 процент од акциите во НИС во сопственост на Русија, кои се опфатени со санкциите на САД врз рускиот енергетски сектор, воведени на почетокот на 2025 година.

Покрај потпишувањето на договорот за купопродажба, потребни се дополнителни регулаторни одобренија за да се заврши трансакцијата, додека МОЛ Групацијата продолжува со преговорите со Газпромнефт за преземање на руските 56,15 проценти од акциите во НИС, соопшти српското министерство.

„Денешното потпишување на Договорот меѓу акционерите го дефинира регулирањето на идните односи меѓу државата и унгарскиот МОЛ, доколку го купат НИС од Гаспромнефт“, се наведува во соопштението за медиумите на српското Министерство за рударство и енергетика.

Договорот ќе стапи во сила само ако МОЛ и Гаспромнефт се договорат за договор за продажба и ако тој биде одобрен од Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC), изјави српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.

„Според овој договор, кој го усвои Владата на Србија, ќе купиме дополнителни пет проценти од акциите во НИС, рафинеријата ќе работи најмалку во следните 10 години во капацитетот во кој работеше четири години пред воведувањето на американските санкции“, додаде таа.

Договорот му овозможува на идниот мнозински акционер да ја преземе одговорноста за професионално управување, стабилно работење и инвестиции што создаваат вредност во НИС. По успешното завршување на трансакцијата, МОЛ ќе обезбеди снабдување на српскиот пазар и работење на рафинеријата во Панчево, со понатамошно зајакнување на мрежата и логистичките врски на енергетските постројки на групацијата МОЛ, се наведува во соопштението за медиумите.

„Како резултат на конструктивни преговори со Владата на Србија, постигнавме договор за управувањето со компанијата НИС“, изјави претседателот и извршен директор на групацијата МОЛ, Жолт Хернади.

По успешното завршување на трансакцијата, додаде Хернади, МОЛ, како мнозински акционер, ќе може ефикасно и на професионална основа да управува со НИС.

Тој рече дека МОЛ ќе направи сè за да го направи НИС „посилен и попрофитабилен“.

Според соопштението за медиумите на српското Министерство, Хернади истакнал дека договорот меѓу српската влада и МОЛ „сè уште не го означува крајот на процесот на продажба“ и дека сè уште е потребно да се постигне договор со Гаспромнефт, како и да се добие одобрение од Соединетите Американски Држави.

„Оптимист сум бидејќи тоа би ни овозможило дополнително да ја зајакнеме безбедноста на снабдувањето за целиот регион и да постигнеме повисоко ниво на соработка меѓу енергетските компании во Централна и Источна Европа“, рече Хернади.