Србија и Косово го решија проблемот на границата, со налепници
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска оцени дека постигнатиот договор во Брисел за регистраските таблички е „апсолутно најмногу што можеше да се постигне“ и дека тоа е добар резултат за Србија, иако дефинираше и одредени негативни аспекти од договореното, јави дописникот на МИА од Белград.
-Мислам дека постигнавме еден вид компромисно решение, од кое сум задоволен и мислам дека е важен за нашата страна, изјави Вучиќ на прес конференција во Ниш, каде што претходно присуствуваше на почетокот на два проекти со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
-Двете страни се согласија да ја повлечат Росу од премините Јариње и Брњак истовремено со отстранување на барикадите на 2 октомври, од 8 часот наутро, а повлекувањето на Росу да заврши до 16 часот, изјави Вучиќ.
Тој кажа дека КФОР ќе ги постави своите сили на Јариње и Брњак уште пред имплементацијата, кои ќе останат околу две недели со цел да се зачува безбедноста и слободата на движење.
Тој објасни дека на 4 октомври во 08:00 часот ќе биде воспоставен таканаречениот режим на налепници, како привремена мерка пред конечното решение.
-Конечното решение е одложено извесно време, за што ќе имаме разговори во Брисел, изјави Вучиќ, наведувајќи дека тоа го смета за голем успех за српската страна.
Исто така, договорено е да се формира Работна група составена од претставници на ЕУ, Белград и Приштина, која ќе бара трајно решение за таблиците базирано на европските стандарди. Како што наведе, првиот состанок на Работната група е на 21 октомври во Брисел, а шест месеци по првиот состанок ќе се презентираат наодите.
Вучиќ кажа и дека е задоволен од постигнатото и оцени дека Белград реагираше одговорно и паметно и дека покажа дека секогаш ќе биде со својот народ.
-Властите во Белград јасно им ставија до знаење на меѓународните претставници и на НАТО дека доколку постои закана за безбедноста и КФОР не ја заврши својата работа во согласност со мандатот, ние самите ќе бидеме подготвени и способни да го спасиме нашиот народ, кажа тој.
Говорејќи за можните недостатоци на договорот, Вучиќ оцени дека еден од нив е дека веројатно до потешко решение ќе треба да се постигне во наредниот период, како и фактот дека во пракса таблиците издадени од српските власти ќе може да се користат само во северно Косово.
Од друга страна, Вучиќ рече дека договорот донел подобра ситуација од онаа пред 10 години, и дека останува да се види како ќе се преговара во наредниот период.
-Следната тема во дијалогот ќе биде Заедницата на српски општини (ЗСО), кажа Вучиќ, додавајќи дека е јасно дека секоја слична акција на Росу ќе наиде на реакција од Србите, додека враќањето на КФОР покажа дека е можно оствраување на дополнителна гаранција за српското население.
Тој додаде дека е јасно дека повеќе нема да има отстранување на пробните регистарски таблички или плаќање на пет евра за привремени регистарски таблички.
-Особено, нема да има отстранување на српските КМ таблички издадени од Белград за таа област, ниту прогон на лица кои ги имаат тие таблички. Ние,го одбранивме правото на слобода на движење и стока, кажа тој.
Вучиќ додаде дека не треба да се дејствува триумфално, но дека е јасно дека Приштина повеќе не може да дејствува исклучиво со политиката на свршен чин.
Лајен: Денешниот договор меѓу Србија и Косово е добра вест за целиот регион
„Топло го поздравувам постигнатиот договор меѓу Србија и Косово во Брисел“, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја заврши дводневната посета на Србија и отпатува за Сараево, јави дописникот на МИА од Белград.
„Ова е многу позитивен развој на ситуацијата по моите средби со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти. Ова е добра вест за целиот регион. Дијалогот сега мора да продолжи“, порача Лајен на Твитер.
Таа, исто така, сподели твит од специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак за постигнување на договорот и фотографија од самиот договор.