Србија должи 39 милијарди евра
Јавниот долг на Србија на крајот на минатата година изнесува 38,87 милијарди евра, што е 47,4 отсто од бруто домашниот производ (БДП), соопшти српското министерство за финансии.
Српскиот буџет во 2024 година забележа дефицит од 212 милијарди динари, што претставува 2,2 отсто од бруто домашниот производ.
Овој резултат е подобар од планот предвиден со ребалансот на Буџетот за 51 милијарда динари или 0,5 отсто од БДП, бидејќи беше предвиден дефицит од 263 милијарди динари или 2,7 отсто од БДП, соопшти министерството за финансии.
Остварени се приходи во износ од 2.141,6 милијарди динари, а расходи од 2.353,6 милијарди динари, објави министерството за финансии на својата веб-страница.
Во декември е забележан дефицит од 141,1 милијарди динари. Собраните приходи изнесуваат 209,9 милијарди динари, од кои даночните приходи изнесуваат 174,9 милијарди динари.
Најголем дел од даночните приходи отпаѓаат на плаќањата на ДДВ во износ од 91,5 милијарди динари и акцизи во износ од 41 милијарда динари. Неданочните приходи изнесуваат 31,8 милијарди динари, а приливот на донации во декември изнесува 3,3 милијарди динари.
Направени се расходи во износ од 351 милијарда динари.
Капиталните инвестиции во декември изнесуваат 150,6 милијарди динари, субвенциите 42,9 милијарди, трошоците за вработените 40,9 милијарди, трошоците за користење на стоки и услуги 27,6 милијарди, а трансферите во организациите за задолжително социјално осигурување и трошоците за социјална заштита по 21,6 милијарди динари.
На ниво на државниот сектор, во 2024 година е остварен фискален дефицит од 191,9 милијарди динари или два отсто од БДП, што е за 0,7 отсто од БДП подобар од планираниот резултат.
Примарниот фискален дефицит изнесува 23,7 милијарди динари или 0,2 отсто од БДП, објави министерството за финансии, пренесува „24Седам“.