Србија би можела да го ограничи извозот на храна


Србија би можела да го ограничи извозот на храна доколку глобалната криза продолжи, најави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Според Вучиќ, евентуалното ограничување на извозот нема да биде проблем за домашните земјоделци, бидејќи државата ќе го плати тоа.

„Додека продолжува неодговорното однесување и ако видиме дека работите одат лошо во глобалните синџири на снабдување, ќе иницирам одлуки за забрана на извозот на најважните производи што ги произведува нашата земја. Ќе има доволно храна во Србија, ќе има доволно од сè во Србија“, нагласи Вучиќ.

Србија е аграрна земја и има доволно храна, а би можела да научи како да управува со стоковните фондови од кризните периоди низ кои веќе помина, изјави за „Еуроњуз Србија“ земјоделскиот економист Милан Простран. Тој верува дека е добро да се размислува за ограничување на извозот ако глобалната криза продолжи.

Простран вели дека Србија има искуство во управувањето со залихите на храна во претходните кризни времиња.

Тој наведува дека денешната ситуација е специфична во однос на претходните кризи низ кои помина Србија во 1990-тите кога не можеше да извезува поради санкции и бомбардирања, и дека сега зборуваме за глобални проблеми, па затоа е потребно внимателно да се разгледа како да се управува со залихите на храна во глобално тешки времиња бидејќи тоа е основата на опстанокот на луѓето. Ако кризата продолжи, вели Простран, сите земји ќе прават таканаречени биланси на кризата со храна, вклучувајќи Франција, која е водечка земјоделска земја во ЕУ, Германија и Италија.

„Имаме залихи, очекувано производство и резерви. Тоа се трите ставки при правење биланс на храна“, рече тој.

Простран вели дека врз основа на таканаречениот биланс на кризата, ако има малку вишок, тој би можел да се пренесе барем во соседните земји, како што се Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.