Спортот е дипломатија – ќе се формира и регионален центар
Спортската дипломатија како алатка за градење доверба, поврзување и економска соработка беше во фокусот на Самитот за спортска дипломатија што денеска се одржа во Скопје, каде беше најавено формирање регионален „Western Balkan Sport Diplomacy Hub“, со цел унапредување на соработката меѓу земјите од регионот и пошироко.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, истакна дека иницијативата има за цел спортот да се искористи како поширока платформа за промоција и поврзување.
– Идејата беше спортот да го искористиме како платформа која може да послужи за промовирање на државата и во други сфери, кои не се директно поврзани само со спортот. Бидејќи спортот ја има таа магија да обединува и да гради мостови, токму тоа ни беше мисијата – да ја искористиме оваа платформа и да успееме да формираме организација која ќе се вика хаб за дипломатска соработка во областа на спортот. Пораката што ќе произлезе од овој настан е дека спортот може да помогне во промоција на државата, но и во откривање и развој на многу економски потенцијали што ги имаме – изјави Димевски.
Тој нагласи дека досегашната улога на спортот како дипломатска алатка мора да се преточи во конкретни активности и партнерства.
– Често сакаме да кажеме дека спортистите и спортот се најдобри амбасадори, но ако тоа не се преточи во конкретни дејства, останува само празна флоскула. Ние не сакаме веќе само да ја слушаме таа флоскула, туку да ја практикуваме и на вистински начин да ја покажеме реалната моќ на спортот – рече Димевски.
Во обраќањето на настанот, тој посочи дека идејата произлегла од долготрајна соработка и пријателство меѓу олимписките комитети од регионот и дека истата прераснала во поширока иницијатива.
– Немаше никакви недоразбирања, секогаш бевме на иста страна – на страната на спортот, но и на иста страна во нашите ставови за спортската средина. Олимпизмот не е само спорт, не се само Олимписките игри и трката за медали. Тоа е пријателство, градење мостови и создавање врски меѓу луѓето, но и откривање на потенцијалите што стојат зад спортот – истакна Димевски.
Тој додаде дека преку оваа иницијатива се отвора можност за заеднички настап на регионот кон странски партнери и инвеститори.
– Нашите земји не се најголеми, но како регион сме навистина значајни. Ако некоја компанија стане партнер на нашиот Олимписки комитет и има интерес за поширокиот регион, ние тие партнери ги споделуваме со нашето соседство. Веќе започнавме проект со Олимпискиот комитет на Косово и чекор по чекор ја шириме соработката – додаде Димевски.
Директорот за мултилатерални односи во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Кире Илиоски, нагласи дека спортот претставува важен инструмент за градење доверба и дијалог меѓу државите.
– Денес не сме собрани тука само да дискутираме идеи. Тука сме да отвориме ново поглавје на регионална соработка. Во време кога светот сè повеќе се соочува со поделби, спортот останува еден од ретките универзални јазици што секој го разбира и ги обединува луѓето од различни држави, култури и средини на начин на кој понекогаш ни најсилните дипломатски напори не можат – изјави Илиоски.
Тој посочи дека вредностите на спортот се во согласност со принципите на дипломатијата и дека тие треба повеќе да се искористат во пракса.
– Спортот не е само дополнување на дипломатијата, туку еден од нејзините најсилни сојузници. Почитта, еднаквоста, инклузивноста и фер-плејот се истите вредности што ги промовираме и во дипломатските односи. Спортот е дипломатија – не само како симбол, туку како практична алатка што гради доверба, создава можности и поврзува луѓе таму каде што формалните канали ги достигнуваат своите граници – нагласи Илиоски.
Според него, формирањето на регионален центар за спортска дипломатија е важен чекор кон посилна поврзаност на регионот.
– Овој центар треба да стане место каде што ќе се создаваат нови партнерства, ќе се поврзуваат институции и ќе се развиваат иницијативи што ќе го направат нашиот регион повидлив, поконкурентен и подобро интегриран. Само преку заедничка работа можеме да изградиме поуспешен и постабилен регион – рече Илиоски.
Самитот, кој се одржа во Скопје, обедини претставници на олимписките комитети од Западен Балкан и пошироко, амбасадори и институционални претставници, а во негови рамки беше најавено свечено потпишување документ за воспоставување Регионален центар за спортска дипломатија.