Според разузнавачки информации Иран е одговорен за нападите врз саудиските нафтени постројки


САД објавија снимки од сателит, а цитираа и податоци од разузнавачки агенции кои тврдат дека Иран стои зад нападот врз саудиските нафтени постројки.

Иран негираше вмешаност во воздушните напади што се случија во саботата, а претходно бунтовниците Хути во Јемен, кои имаат поддршка од Иран, ја презедоа одговорноста за нападите.

Неименувани американски официјални претставници кои комуницираат со американски и меѓународни медиуми, рекле дека насоката и обемот на нападот не укажуваат на тоа дека е можно Хутите да го извршиле нападот.

Инцидентот доведе до глобално намалување на резервите на нафта за пет проценти и предизвика зголемување на цените на нафтата.

Неименувани американски официјални претставници разговарале со Њујорк Тајмс, Еј-Би-Си Њуз и Ројтерс.

Еден од нив рекол дека имало 19 точки на удари на целите и оти нападите дошле од запад и северозапад, а не од Јемен, кој е јужно од Саудиска Арабија.

Официјални лица, кои ги цитира Њујорк Тајмс, рекле дека во нападите биле користени комбинации на беспилотни летала и крстосувачки ракети, но сите не ги погодиле целите – постројката за преработка Абкаик и нафтеното поле Хураис.

По првичното зголемување, дојде до стабилизацијата на цените откако американскиот претседател Доналд Трамп овозможи пуштање во промет на американските резерви.